
(фото: Epa Images)
Вчера, 20.05., беше соопштено дека Меѓународниот Букер ѝ се доделува на Бану Мустак, авторка и активистка од државата Карнатака во jугозападна Индија, за нејзината збирка раскази „Срцева ламба“. Ова е прво прозно дело наградено со Букеровата награда напишано на јазикот канада којшто е мајчин на речиси 50 милиони луѓе во овој регион. Истовремено, тоа е прва збирка раскази која го добива престижното признание. Членовите на жирито ги окарактеризираа нејзините ликови како „неверојатни портрети на опстанок и отпорност“.
Напишани помеѓу 1990 и 2023, тоа се 12 кратки приказни кои се однесуваат на тешкиот живот на муслиманките во јужна Индија. Тие биле избрани и преведени од Дипа Башти, која ќе ја подели со авторката наградата од 50.000 фунти (речиси 60.000 евра).
Издавач на книгата е Пингвин Индија, а главниот уредник изјавил дека наградата е значајна победа за регионалната литература. Делата на Мустак се познати помеѓу индиските читатели, но оваа победа ќе фрли многу поголема светлина врз нејзиното ангажирано творештво кое е делумно инспирирано и од автобиографски моменти. По мажењето таа била присилена да живее само помеѓу четирите ѕидови на нејзиниот дом и страдала од постнатална депресија. Во момент на очај, си истурила бензин врз себеси со намера да се самозапали. Нејзиниот сопруг ја спречил, ставајќи ѝ го бебето пред нозе и молејќи ја да не ги напушта.
Ланскиот победник беше германскиот роман „Каирос“ на Џени Ерпенбек.