Споменикот на Хедер Филипсон кој со неколкумесечно задоцнување поради пандемијата е поставен на плоштадот Трафалгар во Лондон се состои од неколку делови. Огромен куп шлаг сосе црешата на врвот. Мува. И дрон. Тоа е истовремено најновиот споменик кој е поставен на таканаречениот „четврт столб“ на плоштадот, во неговиот северо-западен агол, кој долго време стоел празен, откако биле напуштени плановите на него да стои статуа на Вилијам Четврти на коњ.
Ова со шлагот е дефинитивно покреативно од уште еден човек на коњ, а и нема да биде толку трајно колку што се вообичаено спомениците на владетелите. „Крајот“, како што се вика делото, ќе биде поставено до пролетта 2022. Тоа според авторката треба да поттикне чувство на нешто што е на работ да се распадне, имено нашиот свет. Откривањето на споменикот за време на пандемија му дава дополнителен аспект. Мувата е во спротивност со слаткоста на шлагот, и треба да асоцира на нешто расипано. На врвот на скулптурата има дрон-камера која пренесува во живо што се случува таму. Во моментов, ништо особено.
Ова е тринаесетто дело кое е нарачано за оваа локација, а го заменува претходното на Мајкл Раковиц, скулптура на божество-заштитник, уништено од страна на Исламска држава.