Пред неполн месец пишувавме за тоа дека Салман Ружди ќе ја објави својата нова книга, „Море од приказни“ на њузлетер платформата Сабстек во повеќе делови. Сега истото ќе го стори и Паланиук, славниот автор на „Боречки клуб“, чиј 16-ти роман ќе се вика „Позелени пасишта“. Тој ќе почне да се објавува почнувајќи од следниов понеделник, 27.9, а ќе може да се чита за 6 долари месечно или 40 долари годишно, со тоа што првите три делови ќе бидат бесплатни.
Паланиук изјавил дека понудата на Сабстек му изгледала привлечна поради уредничката независност. „Тоа е навистина привлечна идеја, дека нема да имате некој кој ќе ви се меша во содржината на вашето дело“. Иако добил пари однапред, договорот не содржи посебни услови за тоа што и како треба да пишува. На неговиот Сабстек профил ќе можат да се најдат и предавања за креативно пишување и за тоа како човек да се снајде во издавачката индустрија.
Романот ќе биде фикција за млади, „прилично мрачна и по малку сексуализирана“. Таа зборува за „кризата со која се соочуваат младите луѓе кога треба да одберат кариера, партнер и да основаат дом“. Фокусот е на група средношколци на кои им е понудена шанса да се „продадат“ како наследници на милијардери и на кралски лози низ светот.
Договорот со Сабстек доаѓа откако Паланиук речиси банкротира поради измама направена од сметководител кој работел за него во поранешната книжевна агенција. Тој е осуден на две години затвор во 2018 откако Паланиук загуби околу 2,5 милиони долари поради измамата. Сепак авторот вели дека во моментов е застанат на нозе и дека овој договор не бил мотивиран од финансии, туку од љубопитност.
До сега освен Ружди со платформата договор за објавување на свои книжевни дела имаат и Пати Смит и израелскиот писател Етгар Керет. Сабстек е познат по привлекувањето истакнати новинари од калибарот на Мат Таиби, а во моментов има повеќе од 500.000 претплатници кои следат некој од авторите на списокот.