Артур Смит е англиски комичар и писател, особено познат по радио комедиите на Би-би-си радио 4 кои ги емитува од сопствениот дом. Едно од популарните изданија му е „Последниот мамурлук на Артур Смит" во кое раскажува за тоа како, откако за малку ќе умрел од панкреатитис, станал „титотал", односно промотор на животот без алкохол.
Што се однесува до неговите настапи во живо, едно негово музичко хумористично шоу деновиве доживеа второ продолжение. Се работи за „Артур Смит го пее Леонард Коен 2", кое оваа недела се прикажа во театарот Сохо во Лондон. Првиот дел е изведен далечната 2000, а првичниот план бил следниот да се однесува на некој друг музичар. Но Коен се покажал како одличен за комедија, токму затоа што тој навидум претставува сè што не е смешно - „кум на меланхолијата", чија публика не доаѓа на концертите за да се забавува, туку да се дотепа.
Смит вели дека го одбрал од повеќе причини - прво, затоа што пораснал со неговите албуми. Второ, затоа што во сиот тој севдах Коен вградува и хумор и иронија кои често остануваат незабележани (So you can stick your little pins in that voodoo doll/I'm very sorry, baby, doesn't look like me at all - Tower of Song) и трето затоа што како што секој политичар потајно сака да биде комичар, така и секој комичар потајно сака да биде рок ѕвезда. Освен тоа, Коен му има направено голема услуга. Кога во средината на 1970-тите Смит бил во Париз се заљубил во некоја Французинка која неколку месеци не му давала. Ја однел на концерт на Коен, и таа ноќ попуштила. Од тогаш имал чувство дека му должи.
Она што е карактеристично за шоуто е што обработува тешки теми, а сепак е смешно. Опсесијата на Коен со темите како што се смртта, стареењето..но и личните маки на Смит со деменцијата на мајка му. Поентата е дека и во борбата со сопствените демони треба да се пристапи лежерно, затоа што тие се плашат токму од тоа - од спокојниот поглед кон нив од страна на некој кој поживеал доволно долго за да може да им погледне во лице, и да се скине од смеење.
Дел од документарецот „Што има направено Леонард Коен за мене" во кој меѓу другите се појавуваат Ник Кејв, Руфус Вајнрајт и Артур Смит. Последниов во една од сцените организира караоке со песните на Коен. Чудно како тоа може да го има истиот ефект како и качување на маса на Аца Лукас.