Градот кој ја слави грдотијата

Сместено помеѓу Апенинските планини и Јадранското море во централна Италија, гратчето Пиобико се избори за необична титула - светско седиште на грдите.

Пиобико е убаво средновековно гратче полно со камени градби обиколени од шума. Но и покрај ваквата идилична локација, тој е познат по „грдоста“.

Од 1879, градот со 2000 жители е дом на Club dei Brutti („Грдиот клуб“), здружение чии членови веруваат дека „личноста е она што е, а не само како таа изгледа“. Во тек на неколку генерации, она што започнало како утописка идеја станало светско движење. Денес таканаречената Светска асоцијација на грдите луѓе брои повеќе од 30,000 членови во 25 земји.

„Клубот на грдите“ најпрвин бил замислен како начин да им се најде партнер на постарите моми во градот. Но со текот на времето неговата мисија еволуирала во тоа општеството да биде потсетено дека внатрешната убавина е многу поважна од физичкиот изглед. Во 2007 Пиобико направил и статуа посветена на грдите луѓе, која и денес стои на градскиот плоштад.

Денес е лесно да се стане член на клубот. Ветераните во клубот го проценуваат степенот и рангот на „грдост“ на потенцијалните членови, кои можат да варираат од „неодреден“, преку „недоволен“, „просечен“, „добар“, „одличен“ до „неверојатно грд“. Ако случајно не сте доволно грди, сепак добивате картичка, бидејќи „Времето сите кога тогаш нè огрдува“. Претседател на клубот се бира секоја година, на првата недела од септември, кога се одржува и Фестивалот на грдите. Специјалитет на фестивалот се локалните гурманлуци - труфи, палента и паста. Во 2019 прв пат за претседател се кандидирале две жени, за да покажат дека и тие (жените) имаат право да бидат грди.

Вековната напорна работа на Пиобичаните толку ја дестигматизирале грдоста што сега за нив таа категоризација нема некое поголемо значење од тоа, на пример, да имаш црна коса или сини очи.

Види претходно: Најпесимистичниот град во светот

извор

16 декември 2019 - 08:17