3.200 ролни аналоген филм на фотографот Чарлс Даниелс чекаат да бидат развиени за да се види што има на нив, а што би требало да биде значаен дел од рокенрол историјата.
Најважна локација на работата на Даниелс бил „Бостон ти парти“, музички клуб во Бостон, Масачусетс, кој бил домаќин на Грејтфул Дед, Чикаго, Нил Јанг, Френк Запа, Пинк Флојд и многу други. Местото било отворено од 1967-1970 на две локации, а претставувало почетна точка од која тргнале кариерите на куп музичари, меѓу кои Д Ху и Лед Цепелин.
Даниел бил познат по прекарот Мастер Бластер, кој толку сраснал со него што многумина немале ни поим како навистина се вика. Toj уживал во својата работа и во дружењето, но едноставно немал време за да се занимава со развивањето, па филмовите само се трупале. Голем дел од експонираните ролни ги чувал во обична ќеса за отпад, иако оние најважните ги складирал во фрижидер во својата куќа во Сомервил, Бостон. Никогаш не ги терал музичарите да позираат, и никогаш не користел блиц.
Во 1975 му се придружил на Рони Вуд во текот на неговата прва турнеја со Стоунси. Тогаш официјален фотограф на турнејата била Ани Либовиц. Таа не била воопшто воодушевена што тука се моткал и некој на кого му бил дозволен практично неограничен пристап со апаратот.
Неразвиените ролни филмови стоеле со децении, но во текот на пандемијата, кога локалниот градски совет понудил мали грантови за помош на уметниците тој ја искористил можноста и развил околу 100 ролни. Постирањето на фотографиите на социјалните мрежи го привлекло вниманието па сега има повеќе организации кои ја нудат својата помош.
Даниелс растел во Алабама, на фармата на неговите баба и дедо, а како мал им носел вода и храна на роднините кои собирале памук на полињата. Југот бил крајно сегрегиран, па семејството се преселило близу Бостон. Нашол стар апарат во шифоњерот на родителите и почнал да слика низ маало. После бурниот живот во вртлогот на рокенролот, сега брза да ја оствари својата мисија, меѓу другото и со помош на кампањи за донации, бидејќи е со нарушено здравје. Ако нештата се одвиваат според планот, светот наскоро може да добие десетина илјади фотографии кои никогаш претходно не биле видени.