Грен-лит

Eротска литература за трето доба

Републиканката од Колорадо и кандидат за Сенатот, Џаксин Бјубис, е под удар на големи критики откако се дознало дека таа е анонимната авторка на еротски романи чии главни ликови се во третото доба. Но ова откритие отвори една поголема дискусија за овој жанр, кој е во подем.

Џаксин Даниелс, како што гласи нејзиниот псевдоним, е потписник на „мрсниот" роман Beantown Heat, како и на уште неколку од истиот жанр, кои ги пишувала во текот на последниве десет години. 

Како за Републиканка која сака да се кандидра за сенатот, ова е лоша вест. Но генерално еротската литература која како целна група ги има највозрасните читатели во последно време доживува подем. „Грен-лит", како што се нарекува жанрот, веќе има неколку славни претставнички. Една од нив е Џоан Прајс, со нејзините „Подобро отколку што очекував" и „Голи на наши години", кои се нешто помеѓу книги за самопомош и лична исповед, во кои таа ги истражува различните аспекти на сениорскиот секс.

За разлика од некои нејзини колеги кои истата тема ја третираат на пародичен начин, како во сатиричната „50 нијанси сребрена коса и чорапи" на Фил Торсивија, Прајс одлучила да направи цела едиција на сериозни и уметнички издржани книги, насловена „Безвременска еротика", која вклучува сè, од парови во долги (ама стварно долги) врски, романси од старечките домови, 70-годишна тантричка божица и еротски оди на сексот и на старост.

Повозрасните лица едноставно не можат да се идентификуваат со еротската литература наменета за тинејџери или млади, и нивните бурни хормонални реакции. Затоа Прајс имала најмалку еден услов за оние кои ќе се пријават да пишуваат во едицијата - да имаат најмалку 50 години. „Мозокот е можеби најголемиот сексуален орган, но понекогаш на постарото тело му треба малку време да го стигне", вели таа.

Дејли Бист наведува детален преглед на романи, мемоари и книги од областа на психологијата излезени во последниве неколку години, кои имаат врска со оваа тема, која иако е самата по себе чувствителна, понекогаш оди и чекор понатаму во нејзината реалистичност, па вклучува дури и книга за возрасен ХИВ позитивен геј пар, кои „си ги усогласуваат режимите на земање апчиња како што две старки си разменуваат рецепти", или љубовник кој страда од Алцхајмер „и никогаш не му е досадно".

Со еден збор, изгледа дека на Републиканката откритието за нејзината тајна активност можеби и нема многу да ѝ штети на политичката кариера, туку напротив, ќе ѝ донесе поголем број гласови помеѓу нејзината генерација. Имаме само еден совет - за следната книга да најми подобар дизајнер на корици.

11 јули 2013 - 09:52