Емпајр Стејт билдинг ќе позелени во чест на 100 годишнината од „Големиот Гетсби“

Пред еден век, Ф. Скот Фицџералд, точно на 10 април, го објави романот кој денес е класик. Во негова чест деновиве се одвиваат голем број настани, но и се повлекуваат паралели со современа Америка.

Безвременска приказна за амбиција, љубов и американскиот сон - „Големиот Гетсби“ и денес, 10.04., после 100 години од своето објавување кај издавачот Чарлс Скрибнер и синовите во Њујорк, продолжува да влијае врз поп културата. Со само 47.000 зборови на 161 страници таа се вгради во списокот големи американски романи.

Книгата продолжува да ги зашеметува читателите со описите на раскалашниот живот на главниот протагонист, когошто истовремено го критикува поради материјализмот и моралниот пад. „Старите“ наспроти „новите“ пари, а обете наспроти работничката класа, романот ги истражува и социјалните хиерархии затскриени зад сјајот на добата на џезот, веднаш по Првата светска војна и неколку години пред Големата депресија. Желбата на Гетсби (одлично доловен од Леонардо ди Каприо во истоимениот филм) да го оживее минатото е прикажано како илузија - времето оди напред без оглед колку упорно се држиме до спомените. 

И 100 години по објавувањето на книгата овие теми не застаруваат. Напротив, голем број текстови по повод овој јубилеј посочуваат на паралелите помеѓу Трамповата Америка и онаа замислената на Гетсби. Според нив и Трамп е автомитологизиран социјален „качувач“, кој не се снебива да ја признае врската со романот - во 2013 хотелот и кулата Трамп понудија пакет „весели '20-ти“ како омаж на Големиот Гетсби, односно на филмската верзија со Ди Каприо и Кери Малиган (претходна верзија од 1974 е со Роберт Редфорд и Миа Фароу). 

Деновиве, особено во САД, ќе има повеќе активности за одбележување на јубилејот. Меѓу другото Емпајр Стејт билдинг во Њујорк ќе биде обоена во зелено, во чест на зелената светлина која Гетсби ја гледа преку водата во заливот на неговата вила. Правнуката на Фицџералд и актери од бродвејскиот мјузикл направен по книгата церемонијално ќе го притиснат копчето. Зелено како семафор, како саканите зелени „шушки“. 

10 април 2025 - 09:32