Фестивал посветен на староста

Екстравагантни години

Oвој петок во Загреб се отвори третиот меѓународен уметнички фестивал „Екстравагантни тела", кој ги анализира начините на кои општеството ги одредува границите на нормалното и патолошкото. Темата оваа година е третото доба, попознато и како старост.

По 2007 кога темата беше физичкиот инвалидитет, и 2010 кога акцентот беше ставен на менталното здравје, оваа година овој необичен фестивал на современа уметност се занимава со староста во сите нејзини весели, меланхолични и екстравагантни изданија. Иако e сосема природен след на животот, староста, особено ако не е наша, ни создава аверзија, зазор, јанѕа, слични чувства како оние кои ги предизвикува телото или умот сместено вон општествените норми.

Фестивалот се занимава со начините на кои вкоренетите идеологии на нормалното предизвикуваат изолација, санкционирање, страв и омраза. Речиси цел месец, од 4.10-3-11 во галеријата Кловичеви двори ќе има изложба, перформанси, музички настапи, но и предавања, работилници и дискусии. Меѓу нив е работилницата за изработка на простетички направи („Човечки екстензии: хакирање на телото"), предавањата на тема „Дисциплинарната матрица на геронтологијата и симболичкото насилство над старите" или „Семејното насилство во постари години", но и такви за урбано градинарство или сексуалниот живот во третото доба.
Учесници се уметници, професори и активисти главно од Хрватска, Србија, Британија и САД.

Сепак, најинтересни во програмата се понетипичните активности за еден ваков настан, како квизот „Знам, но не можам да се сетам" или музичките настапи на сениор бендови. Со еден од нив беше и отворен фестивалот - „Хорот на жалби" испеа интересна компилација од жалби и поплаки кои се собирани од повозрасни лица преку анкета на загрепските улици, а самата група била формирана преку отворен повик во медиумите.

„Сите сакаат долг живот, но никој не сака да остари" - вака гласи познатата изрека на Џонатан Свифт. Сепак, ако староста е онаква енергична и здрава каква што ја видовме на изложбата, немаме против да живееме долго, макар и како старци.

Тука анкетата со жалбите на старите од кои е направен хорскиот сплет.

 
6 октомври 2013 - 08:48