На 16 јануари 1988, Тарнер настапувала пред околу 188.000 фанови на стадионот Маракана во Рио, Бразил. Притоа таа го срушила Гинисовиот рекорд за „најпосетен платен концерт за соло музичар“. Претходниот, со 170.000 присутни, бил воспоставен од Френк Синатра на точно истиот стадион, осум години претходно.
Во тоа време Тина била среде нејзината турнеја Break Every Rule, која започнала во Минхен на 4 март 1987 и завршила во Осака на 30 март 1988. Притоа, одржала 209 концерти во 132 града. Турнејата најпрвин била најавена како нејзина последна, но во интервју од октомври 1987, таа појаснила дека тоа било само „засега“.
На концертот на којшто го срушила рекордот, таа извела 19 песни и се преоблекла три пати, настапувајќи, според проценките, главно пред женска публика. Според изјави на присутни девојки и жени, тие не биле само фанови на нејзината музика, туку и инспирирани од начинот на кој Тина го напуштила својот насилен сопруг, Ајк и започнала успешна самостојна кариера токму во 1980-тите. Одличната атмосфера е очигледна во снимките од шоуто, кои се објавени и како целосен жив настап, под наслов „Тина Тарнер: во живо во Рио 1988“.