Џевата околу вистинскиот Ласло Тот

Ако сте го гледале „Бруталистот“, името на главниот лик во него ви звучи толку познато што целата приказна делува како биографска и за архитект кој навистина постоел. Вистинското изненадување следува кога ќе го изгуглате името, очекувајќи да ви излезе некој што многу личи на Едријен Броди и плус е уметник.

Главниот лик во „Бруталистот“ што го игра Броди се вика Ласло Тот, а целата приказна за преживувањето на холокаустот, емиграцијата во САД и почнувањето од нула за на крај да се изградат архитектонски ремек-дела звучи како нешто излезено од оние подзаборавени, а трауматични биографии. 

Во моментот кога ќе го завршите филмот и ќе го изгуглате ова име, навистина се појавува лик на извесен Ласло Тот, типче со лептир-машна, брада, подзамижани очи и „џигерици“, кој визуелно делува како уметник. Ама...

Австралиски геолог роден во Унгарија во 1938 (според Википедија се уште жив), Ласло Тот станал светски славен во 1972, но поради еден скандал. На 21 мај истата година тој ја вандализирал скулптурата „Пиета“ на Микеланџело во базиликата св. Петар во Ватикан со чекан, извикувајќи „Јас сум Исус Христос, станат од мртвите“. Во моментот бил совладан од луѓето што стоеле наоколу, влучително и американскиот скулптор Боб Касили, кој го удрил Тот неколку пати пред да го истурка подалеку од славното дело.

По апсењето, Тот го потврдил своето тврдење дека е Исус и дека Бог му наредил да ја уништи статуата, бидејќи Исус, со оглед на тоа што е вечен, не можел да има мајка. Властите го депортирале назад во Австралија од кадешто дошол, таму психијатрите го процениле како неопасен и од тогаш никој нема слушнато ништо за него.

Роден во помал град во Унгарија во католичко семејство, откако диплмирал геологија Тот се преселил во Австралија. Не знаел добро англиски а дипломата не можела да му биде признаена, па најпрвин работел во фабрика за сапуни. Во јуни 1971 се преселил во Рим без да знае италијански, со намера да биде признаен како Исус. Му праќал писма на папата Павле Шести и неуспешно се обидел да се сретне со него. 

Тогаш доаѓа спомнатиот ден, кога на 33 години (возраста на смртта на Исус) геологот зел чекан и ја нападнал статуата со петнаесет удари. Успеал да ја оштети раката на Богородица кај лактот, искршил дел од нејзиниот нос и оштетил еден од нејзините очни капаци. 

Кога авторите на „Бруталистот“ биле запрашани зошто го одбрале токму ова име, претпоставувајќи дека истото ќе биде пребарувано, изјавиле дека тоа е многу вообичаено за Унгарија и дека во тоа нема никаква симболика. Па сепак, со оглед на необичните детали во филмот, меѓу кои и завршната песна, не би се обложувале дека е баш така. 

5 март 2025 - 09:03