За оние кои сè уште не го гледале, „Тони Ердман“ е овогодинешниот германски кандидат за Оскар за странски филм, 162-минутна трагикомедија за генерацискиот јаз и последиците од глобализацијата. Филмот предизвика еуфорија на проекцијата на Канскиот филмски фестивал во мај, а е опишан како „апсолутно откачен“, „анархичен“ и „болно смешен“.
Иако не е секогаш лесен за гледање, епитетот кој можеби најдобро го опишува, и на кого му го должи својот голем успех, е - „хуман“. Сведочејќи го односот на еден татко и неговата постојано ќерка, немажена бизнис жена фатена во вртлогот на капитализмот, се соживуваме и со неговиот очај да ѝ привлече внимание преземајќи понекогаш и радикални чекори, но и со нејзиниот обид да преживее во свет многу различен од оној на нејзиниот татко, во кој е тешко човек да си ја најде среќата.
Варајати сега објави дека Парамаунт ги купил правата за американска верзија, чиј извршен продуцент ќе биде режисерката и сценаристка на оригиналниот филм, Марен Аде (која, патем, во јануари за Гардијан изјави дека нема шанси да прави американска верзија на филмот). Во главната улога на таткото, по десетгодишна пауза од актерството, ќе настапи Џек Николсон, кој оваа година полни 80. Тој, откако го гледал германскиот филм се воодушевил, и самиот дошол до идејата да се направи американска верзија во која би глумел самиот. Неговата ќерка, пак, ќе ја игра Кирстен Виг. На трикратниот добитник на Оскар последниве години му беа нудени повеќе улоги, на пример онаа на татко на Роберт Дауни Џуниор во „Судија“ (која одлично ја игра Роберт Дувал), но сите ги има одбиено.
Германскиот филм беше подготвуван и сниман цели пет години, период во кој режисерката родила два сина. Некои сцени се снимани повеќе од триесет пати, што на крај резултирало со скоро 100 часови снимен материјал. Но сето ова на крај дава резултат кој долго се памти. Ако не сте го гледале, обавезно пред Американците да го разводенат (иако Николсон сигурно ќе биде супер во улогата на откачениот Винфрид).
Еве една антологиска сцена, во која ќерката Инес во придружба на својот татко ја пее Greatest Love of All на Витни Хјустон