Во 2008 уметникот од Лос Анѓелес, Шепард Фејри, дизајнираше политички постер за претседателската кампања на Барак Обама, во која го комбинираше портретот на кандидатот со зборот „Надеж“. Наскоро тој стана значаен симбол, сингализирајќи една нова Америка, и навистина ѝ даде надеж на нацијата.
Од тогаш се нема појавено друг вирален политички постер со истото влијание. Но ова наскоро може да се смени со оглед на тоа што Фејри и група уметници ги здружуваат силите за „Доста е од Трамп“. Нивната цел е да го дадат својот придонес во не-избирањето на Трамп на следните избори во ноември.
Користејќи ја уметноста како импулс за општествена промена, тие ќе се обидат особено да се фокусираат на клучните „свинг стејтс“ - оние кои не е сосема јасно како ќе гласаат, и кадешто има шанси за менување на мислењето на гласачите, како Охајо или Минесота. Постерите ќе бидат поставувани на протести, во излози на затворени продавници заради пандемијата, лепени на згради и билборди и проектирани на јавни површни.
Идејата е поттикната од гневот на овој колектив кон Трамп, поради неговото распалување на насилна полициска тактика, расните тензии и огромниот неуспех во соочувањето со епидемијата на Ковид-19.
До сега самиот Фејри има изработено два постера. На едниот пишува „Доста е монархија, ни треба демократија!“, додека другиот, во стил на руски конструктивизам, вели „Доста е со врева и лаги, дај ми малку вистина.“ Неговата надеж е дека уметноста сепак може да ги мотивира масите, кои според него кога е во прашање Америка се главно неинформирани и мрзливи. Иницијативата има и свој сајт од каде можат да се симнат дел од постерите, а има и линкови за волонтирање и вклучување во проектот низ земјата.