„Отсутни од сопствената свадба“ е нов документарец на поранешната актерка и режисерка Деби Хауард, за еден американски пар, Тереза и Том Кенеди, кој води компанија за таканаречени „прокси свадби“, односно церемонии на кои ополномоштени претставници го кажуваат судбоносното „да“ во име на вистинскиот младоженец и невеста (или истополови парови).
Ова го прават во нивната селска куќа во Флетхед каунти, Монтана, единствената држава во САД каде ваквите венчавки се легални. Бизнисот им се вика „Прокси свадби за воените сили“, бидејќи главно се насочени кон такви парови каде едниот од сопружниците е воено лице. Но не е ограничено само на нив - единствен услов од пред десет години е еден од двајцата што се земаат да биде жител на Монтана или на активна должност во оваа држава. Ова тие не го прават за пари, бидејќи имаат доволно заштеда од некогашната работа на Тереза на берза, туку сe чувствуваат исполнето што им помагаат на оние кои не можат да бидат заедно на големиот ден.
Опскурниот закон датира од 1860-тите, и бил воспоставен како начин да им се помогне на рударите. Сите жени биле на источниот брег и не се сметало за соодветно да бидат носени во машките рударски заедници за да биде извршена венчавката.
Тереза, која има 56 години, постојано „глуми“ еден од сопружниците, а колега или колешка вториот во парот. Том обично ја води церемонијата. Тој објаснува дека мал број луѓе некогаш чуле за ваквата можност, а Монтана е најлиберална во оваа смисла, бидејќи тука склопувањето брак не мора да се случи пред нотар или судија, туку само пред оние кои гарантираат дека тоа е направено „при здрава памет“. Што теоретски значи дека еден пар може да се венча и самиот себе.
Документарецот е снимен во Монтана минатата година и е целосно достапен на јутјуб. Тереза во него вели дека застапувала илјадници парови - кој знае како изгледа да кажеш „да“ толку пати без да боли.