Гонзо е синиот лик со големи очи, долг и свиснат нос, крзно по телото и пердувесто праменче на главата. Има по три прста на секоја рака, а неговата девојка Камилa е – кокошка. Тој фаќа топовски ѓулиња, јаде автомобилски гуми и изведува поезија додека околу него експлодираат нешта. Но неговиот вид никогаш не бил прецизно определен.
Всушност, Гонзо не започнал како Гонзо. Првпат се појавил во божиќниот специјал „Големата замена на Дедо Мраз“ во 1970 година, како мало сино, влакнесто суштество наречено Снарл, што живеело во кутија за пури. Подоцна куклата била преработена во ликот на Гонзо, но од самиот почеток, авторите намерно не му определиле вид. Во филмот „Мапети од вселената“ од 1999 година дури добиваме и еден привиден одговор: Гонзо е вонземјанин. Но во подоцнежните филмови и серии и тоа објаснување главно било напуштено. Гонзо повторно станал – „што и да е“.
Како во сценарио за некоја идна Иг-нобел награда, биолозите неодамна се зафатиле со овој „проблем“. Палеонтологот Дарен Наиш прво ги разгледал неговите најочигледни карактеристики. Гонзо е покриен со влакнеста покривка, што сугерира дека е топлокрвен. Има нешто што личи на клун, нема заби, има четири екстремитети и 'рбет. Прамените на главата традиционално се нарекуваат пердуви, а и фактот што неговата партнерка е кокошка оди во прилог на птичјата теорија.
Според Наиш, ако се соберат сите овие карактеристики, најлогичниот кандидат е птица. А неговиот долг, свиткан нос особено потсетува на ибис – птица со долг и надолу свиткан клун. Проблемот е што ибисите летаат, а Гонзо не лета. Но и тоа не е „греда“. Во минатото постоеле ибиси кои еволуирале во нелетачки птици. Еден изумрен јамајкански ибис, на пример, имал толку тешки крилја што коските на рацете му биле задебелени и личеле на своеобразни палки. Затоа, според оваа теорија, Гонзо би можел да биде необично еволуирано, нелетачко потомство на ибис.
Другиот палеонтолог, Томас Холц, оди многу подалеку во минатото. Тој обрнува внимание на рацете на Гонзо: три одделни, слободни прсти на секоја рака. Тоа воопшто не личи на современите птици, чии прсти се значително редуцирани и споени. Уште повпечатливо е неговото тело. Наместо современи пердуви, Гонзо има едноставна, влакнеста покривка, додека покомплексни пердуви има само на главата. Холц смета дека комбинација од такви карактеристики се среќава кај некои од најраните месојадни диносауруси од групата тероподи – линијата од која подоцна се развиле и денешните птици.
Третиот научник, биологот Мишел Милинкович, не може да го реши прашањето без да знае од што е направен праменот на главата на Гонзо. И токму тука се крие можеби најважниот доказ. Ако праменот е направен од вистинска коса, тогаш Гонзо би бил цицач. Косата е карактеристика што ги издвојува цицачите од другите животни. Во тој случај, неговиот „клун“ всушност би бил само необична структура на лицето, нешто што еволуирало независно од птичјиот клун. Но ако праменот е вистински пердув, тогаш Гонзо би се нашол на еволутивната линија што води кон тероподните диносауруси и птиците. Неговото крзно, исто така, би морало да биде еден вид примитивни пердуви – слични на мекото перје на пилињата или на влакнестата покривка на кивито.
А потоа доаѓа најголемиот проблем: неговиот нос. Кај птиците и желките, клунот всушност е дел од устата – коскената вилица прекриена со кератин. Но кај Гонзо носот не е устата. Тој изгледа како издолжена структура што излегува пред устата. Не се витка како сурла, нема карактеристичен сјај на птичји клун, а научниците дури не можат да бидат сигурни дека е прекриен со кератин. Ако нема кератин, тогаш технички не е ниту вистински клун.
На крајот, двајца од тројцата биолози сепак го сместуваат Гонзо некаде на еволутивната гранка што води кон тероподните диносауруси и птиците – но од различни причини. Едниот се води според праменот на главата, другиот според рацете. Според Холц, Гонзо би можел да потекнува од период многу пред појавата на современите птици. Како што вели Наиш, колку попрецизно и подефинирано е едно измислено суштество, толку повеќе нè тера да го анализираме како вистинско животно.
извор