Дали алкохолот го подобрува зборувањето странски јазици? - доделени ИГ наградите 2025-та

Оваа година повторно беа доделени наградите Иг Нобел – сатирични, но вистински научни признанија за истражувања што најпрво предизвикуваат смеа, а потоа размислување.

Меѓу наградените проекти на овогодинешниот сатиричен пандан на Нобеловите - Иг Нобел (за којшто известуваме со години) се најде идеја да се намали внесот на калории со додавање тефлон во храната, како и експеримент во кој крави биле обоени со црно-бели ленти за да личат на зебри и така да бидат помалку каснувани од муви.

Американски и израелски научници ја добија наградата за хемија за идејата дека тефлонот може да се користи како средство за „зголемување на обемот“ на храната без дополнителни калории, бидејќи тој едноставно би поминувал низ дигестивниот систем а корисниците би чувствувале ситост. Но, дури и тие признаа дека концептот е „по малку чуден“.

Јапонски тим ја освои наградата за биологија докажувајќи дека обоените крави навистина биле каснувани двојно помалку од муви, што може да понуди еколошка алтернатива на пестицидите. Наградата за физика ја доби група италијански научници за анализа на тоа во кој момент сосот качо е пепе почнува да се згрутчува и како тоа може да се спречи.

Во категоријата за исхрана беа наградени истражувачи кои откриле дека шарените гуштери во Того преферираат пица со четири вида сирење во споредба со други вкусови.

Меѓу останатите добитници беа: двајца американски педијатри кои откриле дека мајчиното млеко добива мирис на лук ако мајката јаде лук, нешто што на бебињата им се допаѓа; истражување што покажа дека алкохолот може да ја подобри способноста да се зборува странски јазик (конкретно холандски); студија за тоа како пијани овошни лилјаци ја губат способноста да летаат и да користат еколокација; постхумна награда за медицинскиот историчар Вилијам Бин, кој 35 години го документирал растот на едно од своите нокти.

Наградите Иг Нобел, што ги доделува американското списание Annals of Improbable Research, се замислени како духовита алтернатива на Нобеловите награди. Иако се шеговити по дух, сите наградени истражувања се реални и објавени во научни трудови. 

20 септември 2025 - 16:21