Бен Сансун има само 35 години, но неговиот дом, облеката, па дури и неговото однесување се „ретро“, дизајнирани според тоа како изгледале работите во 1946. Грамофон со „труба“, целосно реставрирана викторијанска печка од 1890 на која подготвува чај и храна, бокалче и леген во спалната соба се само дел од артефактите кои Бен ги одржува во живот како во времето на неговите предци.
„Најубавиот момент од куќата“, вели тој, „е погледот низ еден од прозорците, кој не е сменет илјада години“. А низ прозорецот се гледаат - локалните гробишта.
Бен нема микробранова ниту машина за перење, единственото нешто модерно во неговата куќа е фрижидер (за којшто постојано се извинува дека го има и го покрива со перденце). Вели дека едно време сакал да има придружник во куќата кој ќе ја споделува љубовта кон ваквиот начин на живот, но засега со неговиот партнер(ка?) решиле да живеат одвоено, едниот во својата модерна, а другиот во својата куќа која застанала во времето.
А токму тоа, застојот, забавувањето, е она што Бен го посакува. „Современиот живот оди премногу брзо“, вели тој, жалејќи се дека не ги разбира социјалните мрежи и мобилните телефони. Со оглед на тоа колку изолирано живеат поголемиот број луѓе и покрај сета таа технологија, тој е решен до смрт да се држи до добрите стари начини.