Боуви повторно ќе падне на Земјата

40 години откако се појави како хуманоиден вонземјанин во „Човекот кој падна на Земјата", Боуви пишува драмски текст базиран на истата приказна.

Ко-автор на текстот е Енда Волш, ирски драматург, а новата претстава има работен наслов „Лазарус". Во неа ќе има специјално направени музички парчиња, како и нови аранжмани на постари песни. Приказната повторно ќе се врти околу Томас Џером Њутн, вонземјанин кој доаѓа со мисија од тука да однесе вода на неговата планета погодена со тешка суша. Истиот лик Боуви го играше во антологискиот филм „Човекот кој падна на земјата“ од 1976.

Боуви нема да настапува во претставата, иако претходно има глумено во театар - во раните 1980-ти три месеци со голем успех ја играше насловната улога на „Човекот-слон" на Бродвеј. „Лазарус" ќе биде режирана од Ајво ван Хове, Белгиец кого го опишуваат како „авангарден", а продукцијата е на New York Theater Workshop. Истиот режисер веќе ја има искористено музиката на Боуви во продукција на холандски на „Ангели во Америка", која минатата година се прикажуваше на Бруклинската музичка академија.

Џејмс Никола, уметничкиот директор на театарот, изјавил за Њујорк Тајмс дека не е сигурен како да го опише проектот, и дека тој во тајност се работи веќе неколку години. Основата е романот на Волтер Тевис од 1963, „Човекот кој падна на Земјата", но претставата е направена во форма на мјузикл. „Не знам што ќе излезе, но имам неверојатна доверба во нивната креативна визија", додал тој. Премиерата се очекува при крајот на годината.

Боуви ги изненади неговите фанови во 2013 кога по десетгодишна пауза објави нов синг на неговиот 66-ти роденден. А ова е Can You Hear Me? oд филмот од 1976.

3 април 2015 - 08:30