Името на албумот бил 3:47 EST, а освен името на групата - Клаату - на корицата не пишувало ништо друго. И веројатно како и голем број други „ноу нејм“ бендови и албуми и овие бргу би паднале во заборав, да не бил еден новинар, Стив Смит, кој работел во весникот Providence Journal. Откако сосема случајно го слушнал (го нашол во куп „земи слободно“ албуми во редакцијата), решил да му ја следи трагата. Иако реално такви траги немало.
Албумот не содржел фотографии или какви и да е информации за идентификација на авторите. Но Смит можел да се заколне дека на него ги слуша бубњевите на Стар, гитарите на Харисон и вокалите на Ленон и Мекартни. Дури и самото име на бендот му асоцирало на соло-албумот на Ринго, „Добра ноќ Виена“ на чија корица тапанарот е претставен како ликот Клаату од ес-еф филмот „Кога земјата застана“. Иако не бил музички критичар, го убедил весникот да објави текст во кој сугерирал дека Клаату се всушност Битлси.
Така почнала да се шири конспирацијата. Австралиски фан издал книшка од 34 страници докажувајќи ја теоријата. Луѓе се натпреварувале кој ќе најде повеќе докази во стиховите, кои според многумина содржеле кодирани пораки, дури и на Морзеова азбука. Уживајќи во публицитетот, Капитал рекордс Канада, издавачот на албумот, ниту негирал ниту потврдувал. Смит заклучил дека станува збор за мистериозен бенд 1) кој е Битлси, 2) кој се состои од неколку членови на Битлси и други луѓе, 3) бенд кој е поддржан од Битлси, 4) кој е сосема непознат но талентиран бенд. Да имал изгледано една епизода од емисијата „Музичка машина на Кит Хемшир“ на CBS две години претходно, ќе знаел дека точниот одговор е под број 4, бидејќи Клаату имал свирка на ова шоу. Но бендот генерално вложувал напор во криење на идентитетот на своите членови.
Една од причините за ваквата мистериозност, според басистот на групата во интервју од 2013, била тоа што тие биле „само тројца момци од Торонто“. Сакале нивната музика да зборува сама за себе, а плус гласините им биле забавни. Сите биле големи фанови на Битлси и самите сакале бендот повторно да се активира. Сепак, во ниту еден момент немале намера да прават фама дека тие се вистинските Битлси.
А публицитетот колку што им годел, толку и им штетел. Иако го искачил абумот на топ-листите, довел до ситуација тие да треба да се мерат со една од најпопуларните групи на сите времиња, за што не биле подготвени.
Слушнете делови од албумот и целата интересна приказна во ова 9-минутно видео: