Баталете бегање пред бикови - ова е трчање со ирваси

Фестивалот се одржува секој март, се вика Фур Рандеву, а локацијата е Аљаска. Целта: тркање на луѓе со ирваси, за туристички и хуманитарни цели. 

Фур рандеву се одржува од 2008 секој март во срцето на најголемиот град на Аљаска - Анкорејџ. Еден радио водител по име Боб Лестер тогаш читал за трките со бикови во Шпанија, и во емисија во живо предложил истото да се прави во Аљаска. 

Предлогот бргу почнал да се шири и бил прифатен од раководството на локален фестивал, кој ги слави историјата и културата на овој регион, комбиниран со натпревари и активности поврзани со зимските спортови. 

Ова е една од верзиите за почетоците на трката, која без оглед на точната верзија, од моментот на воспоставувањето е атракција и за локалците и за туристите. На првата трка учествувале само девет ирваси а 1000 човечки тркачи. Веднаш по отпочнувањето на трката по главната авенија на градот, животните ги претекнале луѓето и победиле. Публика - помеѓу 10 и 12.000 луѓе. 

Еден од условите е оние кои се тркаат да бидат облечени во костими. Има тука и суперхерои и хумористични маски, но и бикини, иако многумина мораат да чекаат и по 40 минути за да тргнат од стартната линија на температури кои во март се под нулата.

Откако е започната пред 17 години популарноста на трката само се зголемува, а денес бројот на тркачи е толку голем (неколку илјади) што мора да се формираат групи - жени, мажи, тимови и туристи. Животните се „регрутираат “ од приватни фарми каде сопствениците ги тренираат за да трчаат во група од по неколку, за полесно да се контролира нивното движење. Тие секако не се агресивни па дури не реагираат ни на провокации на луѓето кои се чести, особено затоа што трката се случува по целовечерно пиење по пабови. 

И покрај тоа што нема посебни награди, организаторите на фестивалот имаат создадено признание под име „Фар, фар авеј“ во форма на златен сад, за да се одаде признание на поединецот кој допатувал од најдалеку за да учествува. До сега таквите награди ги земале луѓе од Јужна Австралија, Мексико, Швајцарија и други. Собраните средства од учеството на тркачите одат за хуманитарни цели. 

11 март 2025 - 12:57