Артле е како Вордле, само што место да погодувате еден збор на англиски или на друг јазик (на македонски преку Зборле) погодувате автори на фотографии и уметнички слики. Играта е поставена на сајтот на американската Национална галерија за уметност, а е направена по урнек на сличните кои станаа популарни во текот на пандемијата. Исто како и голем број други музеи кои се најдоа во таква ситуација, и овој сакал да им овозможи онлајн пристап на корисниците до 150.000 слики, фотографии, склуптури и други уметнички дела. Но не само на стандардниот начин, туку и преку оваа игра.
Работата барем навидум е едноставна: ви се нуди дело и најпрвин треба да го внесете името на авторот во полето за пребарување. Ова е олеснето од фактот што доколку авторот не е дел од збирката неговото име воопшто нема да ви се појави, што значи дека сте ептен утка.
Ако при првиот обид не погодите, во вториот ви се нуди друго дело од истиот автор. Вообичаено се оди од помалку познатите до попознатите. Но дури и тогаш може ќе се фатите дека го препознавате делото ама за името на авторот си викате „абе оној...го знам...како се викаше“. Дури и во очај да го изгуглате, пак сте се потсетиле или сте научиле нешто ново. Плус, исто како и во Вордле, може да го споделите резултатот.
Пробајте тука