Како денес пишувани

50 новооткриени песни на Киплинг

Проучувачите и љубителите на Киплинг, најпознат по „Книга за џунглата" и песната „Ако", се израдуваа кога слушнаа дека се откриени 50 негови претходно необјавени песни. Една меѓу нив како да е пишувана денес, и тука.

„Ако можеш да исполниш една незаборавна минута/со шеесет секунди скапоцена содржина./Твоја е Земјата и сѐ на неа свет е твој./И најважно од сѐ - ти ќе бидеш Човек,/Сине мој."

Авторот на овие славни стихови од песната „Ако“, Радјард Киплинг, кој почина 1936, сè уште не го кажал последниот збор. Американскиот истражувач на неговото дело, Томас Пини, во куп семејни документи на авторот пронашол повеќе од 50 претходно непознати песни, кои ќе бидат објавени следниот месец.

Збирката вклучува неколку песни кои датираат од Првата светска војна, која Киплинг на почетокот ја поддржувал, помагајќи на неговиот син Џон да се придружи на војската. На по смртта на синот во битката кај Лоос, Франција, во 1915, една од најголемите британски офанзиви на Западниот фронт, тој длабоко зажалил, и во една од сега пронајдените песни, „Епитафи за војната" вели: „Ако некој праша зошто умревме/Кажете им, затоа што нашите татковци лажеа".

Дел од песните се пишувани во повесело расположение, на брод од Аделаида до Цејлон на кој патувал Киплинг, и кои им ги читал на глас на другите патници.

Пини, кој е професор по англиски јазик на колеџот Помона во Калифорнија, вели дека Киплинг бил долго време маргинализиран од истражувачите заради политички причини. И покрај тоа што ја добил Нобеловата награда за литература (во 1907), неговата репутација страдала заради поврзаноста со британските колонијалистички амбиции. Џорџ Орвел го нарекол „џинго (милитантен) империјалист", и „пророк на британскиот империјализам".

На 7. март ќе излезе тритомно издание Cambridge Edition of The Poems of Rudyard Kipling, кое покрај новооткриените песни ќе содржи уште 1,300 други од истиот автор. Песните се едноставни и зборуваат за ситуации со кои лесно се идентификува секој читател. Еве една од новите, под наслов The Press, која како да е пишувана денес, и е препознатлива на повеќе географски широчини.

МЕДИУМИ

Зошто не напишете драма,
зошто не си ја средите косата?
Дали си ги сечете ноктите округло
или пак ги терате право?
Кажете им го тоа на медиумите.
Кажувајте им го тоа секој ден.
Но, патем, да ве прашам -
зошто не напишете драма?

Која е вашата последна религија?
Дали имате мото?
Дали се облекувате во волна,
коноп, свила или твид?
Наведете ги книгите кои ви помогнале
на патот кој сте го изодиле
Дали користите мало г
кога за Господ пишувате?

Дали се надевате дека ќе влезете
во бесмртниот дом на Славата?
Дали перете надвор
или тоа го правите дома?
Дали имате каков и да е морал?
Дали вашиот гениј гори?
Дали ви беше жена онаа, како се викаше?
Колку заработи таа?

Дали вашиот пријател има тајна
мака, срам или порок -
Дали ветивте дека нема да кажете?
Која е вашата најниска цена?
Сите слугинки го посакуваа тоа
Сите батлери претпоставуваа
Кажете им го тоа на медиумите
а ние ќе го сториме останатото.

Зошто не напишете драма?

Радјард Киплинг
септември 1899

28 февруари 2013 - 09:48