З'арно, з'убо

5 години Букбокс

Споредено со вечноста, пет години и не се некаков континуитет, за да можеш да легнеш на хронолошкото сенаменско брашно, и да прогласиш дека тоа што го правиш „прераснало во традиција". Од друга страна, тоа се повеќе од 1800 денови, од кои повеќето си ги поминал со една мисла - што ќе пишувам денес?

Прво како неделна читанка на он.нет, во која на денешен ден се појави текстот за „Бранови“ на Вулф, па како рубрика за култура на офф.нет, Букбокс до сега има напишано и објавено 169 осврти за книги и 1,482 статии за сè, од музика за хеликоптери до вагинално моделарство. Па дури и кога некој ќе каже „вие од Букбокс немате врска", и тоа го сфаќам како комплимент, затоа што некому му се чини дека тука вложува труд повеќе од еден човек.

Во ситуација кога рубриките од областа на културата се сведени на џингл, малубројните ентузијасти во новинарската професија мака мачат да се изборат за простор за вакви теми, а списанијата кои туркаат културна агенда бргу се затвораат, привилегија е човек да има слободна виртуелна територија на туѓа слободна територија, без да се секира за број на „импресии", пари и црвен тепих. Со читатели од Цапари, преку Њујорк и Монтреал, до Непал, „ние" од Букбокс тука се чувствуваме како со добро друштво во дебармаалска кафана, во кое не е блазирано да се зборува за ракија направена од инсталација на Џозеф Бојс, за тоа дали Жижек е плагијатор или што значи iktsuarpok на инуитски. И на чиј Фејсбук профил на денот на судење на премиерот со шефот на опозицијата се одвива жолчна расправија со десетици коментари за тоа кој е подобар превод на само еден збор од сонет на Шекспир.

Фестивалот на јадење книги, годишната размена, првата маалска библиотека во Лисиче, акции за собирање книги за домови за стари лица и клубови на пензионери, Твитер календар и следно - мобилна кутија за промоција и продажба на книги, се офлајн активностите на кои и понатаму ќе се гледаме во живо. За што услов е, нели, да сме живи и здрави.

Фала Трендо и екипа.

Фала ви вам.

Илина, Букбокс

Прилог од „првите почетоци": состав искуцан на новинарската алатка на татко ми, далечната 197-и-некоја, со јасни дадаистички тенденции.

 

19 септември 2014 - 08:57