Еве некои од предвидувањата кои во 1969 биле направени во весникот „Борба“ за годината 2000-та:
- 70% од производите кои тогаш биле актуелни би биле заменети со нови. Чудесни светлосни зраци, „лејзери“, требало да навлезат во сите области од животот и да создадат сосема нови телекомуникации.
- Иднината ќе биде обележана со нови материјали, отпорни на високи температури, на пример супер отпорни ткаенини. Жените ќе купуваат фустани за еден ден, едно претпладне, поконзервативните мажи и за една деценија ако така сакаат, но сето ова би било направено од хартија.
- „Не е исклучен, иако до крајот на овој век е помалку веројатен, и директен пристап до човечката меморија, зголемување на интелектуалните способности со непосредно поврзување на човечкиот мозок со електронски сметачи, сето тоа со видно подмладување или продолжување на човечкиот век до 150 години!“.
- За луѓето полесно да ги проживеат тие 150 години ќе применуваат хемиска и биолошка контрола на карактерот и интелектуалните процеси. Освен тоа, како што предвидувале футуролозите, во последните три децении на тој, 20 век, би било можно создавање на вештачка интелигенција, вештачко развивање на нови органи и екстремитети или забавување на нивните витални функции за неколку години па дури и векови.
- Во масовна употреба ќе бидат нови, посигурни средства за контрола на уморот, техники на релаксација, поттикнувачи на виталност, на силата на перцепција и имагинација.
- До крајот на 20 век ќе може да се бира и полот на своите деца, благодарејќи на различни видови генетска контрола истото тоа ќе важи и за полот на возрасно лице.
- Футуролозите предвидувале дека ќе биде можен и стимулиран, однапред предвиден и програмиран сон - тукуречи кино сала во кревет и веројатно во колор.
- Сахара и другите пустини во 2000-та требало да се претворат во цветни градини, а струјата и другите облици на енергија да бидат речиси бесплатни.
- Човекот ќе може да биде „корегиран“ со помош на други видови, што ќе доведе до создавање на нов и подобар човек, потомок на денешниот хомо сапиенс.
Повеќето од овие нешта не се случија пред 25 години, останува да ги очекуваме...некогаш.