Што кога некој ќе му остави милиони долари наследство на миленик?

Жена од Менхетен која почина викендов им остави наследство од 100.000 долари на своите 32 папагали (Нимфи), кучето и мачето. И ова не се ни приближно најбогатите наследници.

Лесли Ан Мандел заедно со парите оставила и упатство за чување на птиците, според кое ним треба да им се носи храна во понеделник и четврток, купена од точно наведена продавница, а менито е: моркови, вода и пуканки.

Птиците на Мандел се жива беда во споредба со тоа што добија некои од животинките во изминатите години. Неспоредливо најбогато куче на светот моментално е германскиот овчар - Гунтер 4-ти, кој е од долга лоза на богати волчјаци која започнува со Гунтер, на кого германската грофица Карлота Либенштајн му остави 80 милиони долари по нејзината смрт во 1991-ва.

Томасо е поранешна улична мачка од Рим, која е посвоена од големата земјопоседничка Мариа Асунта. По смртта на Асунта во 2011-та, Томасо наследи 13 милиони долари од Асунта.

Трабл Хемзли е малтешката пудла која стана позната по две основи: прво, од својата сопственичка Леона Хемзли доби наследство од 12 милиони долари; и второ, во исто време внуците на Леона не добија ниту цент.

Адвокатот Метју Бовино за Ванити Феир објаснува дека процедурата на префрлање на наследството од човек на миленик е иста како и со секој друг труст.

Пред смртта, на сопственикот му се дава планот за чување и кој се' ќе биде задолжен за различни аспекти од животот на миленикот:

"Има старател, кој ги контролира парите и одлучува кога и како ќе бидат исплатени; чувар, кој се грижи за кучето и бара пари од старателот за да ги плати сметките и поврзаните трошоци; и извршувач, кој внимава старателот и чуварот да не ги злоупотребат фондовите или да ги присвојат за сопствено користење. Ако човекот не именува извршувач а има доволно пари и за него, тогаш судот може да го именува ова лице."

9 септември 2015 - 16:30