За еден ден Кина имала 37 милиони новозаразени од ковид

Во првите 20 дена од декември од ковид се заразиле 248 милиони Кинези или речиси 18% од населението на земјата, се тврди во белешките од состанокот на кинеската Комисија за национално здравје, од кои само во еден ден биле откриени 37 милиони нови случаи.

Се смета дека новите бројки се должат на инстантното укинување на ковид рестрикциите, во комбинација со доминантната омикрон варијанта. Процената е дека над половина од жителите на југозападната провинција Сичуан, и градот Пекинг, се заразени во последниот бран.

Блумберг пишува дека се уште не е јасно како кинескиот регулатор стигнал до овие бројки, бидејќи на почетокот од месецов беше затворена масовната мрежа на места за ПЦР тестови, а од комисијата не одговараат на новинарски прашања.

Во меѓувреме кинеската влада престана со објавување на дневните податоци за асимптоматични случаи.

Очекувањата се дека сегашниот бран својот пик во различни градови ќе го има од средината на декември до крајот на јануари. Процените на главниот економист во Метродататеч, се дека масовното отворање во мултимилионските градови придонело за десетици милиони нови заразени, од кои најголемиот дел отпаѓаат на Шензен, Шангај и Чунгкинг.

Во документот од Комисијата не е наведено колку има починати од вирусот во последниот бран.

Бројката од 37 милиони заразени само за 20 декември што ја објавува Комисијата е блесаво несразмерна со официјалната бројка за тој ден, која изнесуваше 3.049 заразени.

26 декември 2022 - 10:21