Најдени во преводот

Познавањето два јазика не гарантира дека се владее и преведувањето. Тоа е професионална вештина која бара постојано усовршување а важноста на преводот обично станува јасна кога работите ќе тргнат на лошо. Избор од дебели утки со далекусежни последици. 

Збор од 71 милион долари

Во 1980-та година, 18 годишниот Вили Рамирез го донесуваат во болница во коматозна состојба. Семејството и пријателите им кажуваат на докторите што му е но - знаат само шпански. Тие го слушаат зборот "intoxicado" и си го преведуваат како "intoxicated" што сугерира злоупотреба на алкохол или дрога. А "intoxicado" е поблиску до труење од храна. Пациентот го третираат сосема погрешно, тој завршува како параплегичар и подоцна семејството добива отштета од 71 милион долари.

Ќе ве закопаме

На врвот Студената војна, советскиот премиер Никита Хрушчов дава говор во кој им се обраќа на Американците и притоа користи фраза која е интерпретирана како "ќе ве закопаме!" Паника во САД, бидејќи мислат дека е тоа директна најава за нуклеарна војна. Но, преводот бил премногу буквален. Хрушчов само мислел дека советскиот Сојуз "ќе ја надживее" Америка. Не баш пријателски, ама помалку страшно од закопување.

Не правете ништо!

Во 2009-та година, банката HSBC морала да лансира 10 милиони долари тешка кампања за ребрендирање откако фразата "Assume Nothing" во многу земји била погрешно преведена како "Do Nothing".

Што има Мојсие на главата?

Патронот на преведувачите, Свети Јероним, учел хебрејски за да може да го преведе Стариот Завет од оригинал, а не од грчки кој бил доминантна верзија во тоа време. Неговата латинска верзија, потоа реплицирана во стотици други верзии ја содржи фамозната грешка. Кога Мојсие се симнува од Синај, околу главата има ореол. На хебрејски "karan." Но, хебрејскиот се пишува без самогласки па Јероним го чита како "keren," односно "рогат". Следат векови и векови на безброј слики и скулптури од Мојсие со рогови на главата.

Чоколадото е за него

Во 50-тите години, чоколадните фабрики почнуваат да ги охрабруваат луѓето во Јапонија да си подаруваат чоколади за Свети Валентин. Поради грешка во преводот, испаѓа дека на тој ден женското треба да дарува чоколадо на машкото. Тоа и го прават до ден денес. На 14-ти февруари женските даваат чоколади, а мажите им возвраќаат еден месец подоцна, на 14-ти март. Вин-вин за чоколадната индустрија.

Да се победи Шенг Лонг

Во јапонската видео игра Street Fighter II, еден лик вика: "Ако не можеш да го совладаш ударот на растечкиот змеј, не можеш да победиш!" Кога од јапонски се преведувало на англиски, "растечкиот змеј" е преведен како "Шенг Лонг", небаре се работи за лик. Гејмерите полудуваат што не можат да го најдат Шенг Лонг. Дополнително, како првоаприлска шега, компанијата објавува сложено и практично невозможно упатство како да се најде Шенг Лонг по што лудилото станува општо, за дури по 5-6 месеци да се признае дека во Стрит Фајтер не постои никаков Шенг Лонг.

"Интерим договорот" не е наш ексклузивитет

Во 1840-та, Британската влада потпишува договор со поглавиците на Маорите од Нов Зеланд. На домородците им е битно да ја задржат својата сувереност, на Британците да ја продолжат својата колонијална присутност. Го потпишуваат "Договорот од Ваитанги", но во две различни верзии. Во англиската верзија Маорите без никаква задршка го предаваат својот суверенитет во рацете на британската кралица. Во нивната верзија на истиот договор, тие не предаваат никаков суверенитет, туку само право на управување. Тие се надевале дека добиваат правен систем но го задржуваат правото да решаваат самите за себе. Уште не можат да се помират со тоа.

27 декември 2013 - 10:41