Лего дигна раце од пластика од рециклирани шишиња

Лего се откажува од напорите да ги произведува своите прочуени коцки од рециклирани пластични шишиња.  Данската компанија вели дека компликациите со материјалите, на крајот би довеле до повисоки вкупни емисии на јаглерод. Тестирале стотици и стотици материјали, ништо. Нафта си е нафта.

Лего го прекина проектот за правење коцки од рециклирани шишиња за пијалоци наместо стандардна пластика од нафтени деривати. Викаат дека тоа би довело до повисоки вкупни емисии на јаглерод во текот на животниот век на производот.

Најголемиот светски производител на играчки почна да истражува поодржливи материјали како дел од бранот компании кои го преиспитуваат својот придонес кон глобалните емисии заради климатската криза.

Данската компанија произведува милијарди парчиња Лего годишно, а во 2021 година почна да истражува потенцијална транзиција кон рециклиран полиетилен терефталат (ПЕТ) од AБС (acrylonitrile butadiene styrene), на кој му требаат околу 2 кила нафта за да се направи 1 кг пластика. АБС се користи во околу 80% од Лего коцките.

„Тоа е како да се обидуваш да направиш велосипед од дрво, а не од челик“, вели Тим Брукс, шеф за одржливост на Лего, објаснувајќи дека материјалот што не се базира на нафта е помек и бара дополнителни состојки за издржливост, како и поголема енергија за преработка и сушење.

„Нивото на нарушување на производствената средина беше такво што требаше да промениме сè во нашите фабрики за да ја зголемиме употребата на рециклиран ПЕТ“, вели тој. „По сето тоа, јаглеродниот отпечаток ќе беше поголем. Разочарувачки“.

Компанијата има над 150 луѓе кои работат на одржливост. Биле тестирани стотици и стотици материјали, но сепак не дошле до „магичен материјал“ кој ќе ги реши проблемите со одржливоста.

Следниве три години ќе ги зголемат трошоците за одржливост до 3 милијарди долари годишно но ветуваат дека повисоките трошоци нема да ги пренесат на потрошувачите.

27 септември 2023 - 14:50