Тишината е најдобра музика за работење

Ако на работа носите слушалки за да ја игнорирате галамата околу себе, најдобро е на нив ништо да не свири, туку да ви служат за блокирање на звуците бидејќи сè освен тишина ги намалува перформансите кај најголемиот дел работни задачи што се когнитивно тешки.

Праксата на новинарката на Атлантик, Олга Казан, е денот во редакција да го минува со слушалки на глава, за да игнорира сè што се случува околу нејзе. Обично слуша некоја музика од типот "нека врти нешто кротко на Спотифај". По некое време таа има просветлување - "а што ако галамата од канцеларијата, само ја заменуваш со галамата од слушалките?"

Казан седнува и анализира неколку студии на темава, од кои доаѓа до заклучок кој е "неповолен за сите што веруваат во работење со музика."

Студија со наслов "Музика - помош во продуктивност" има резултати кои го потврдува нејзиниот наслов. Но Казан забележува дека испитаниците во студијата работат репетитивна фабричка работа, а истражувачите заклучиле дека музиката само им ја направила работата помалку досадна, а работниците биле повнимателни. До слични резултати доаѓаат и некои следни студии, како таа дека музиката помага во работата на хирурзите. Даниел Левитин, невролог и автор на книгата "Ова е твојот мозок на музика," објаснува дека најголемиот дел од работата на хирурзите во операциите на мозок се сведува на бушење дупка во черепот, и доколку ништо не тргне на лошо "самата задача е досадна и репетитивна."

Во студии во кои музиката и тишината се ставени една наспроти друга при извршување комплексни задачи, луѓето дале подобри резултати кога било тишина. Во студија од 80-те, испитаниците можеле да слушаат која било музика или да бидат во тишина додека броеле наназад. Најлоши резултати на тестот имале луѓето кои ги слушале своите омилени песни, а најдобри оние кои работеле во тишина.

Севкупно, колку е попривлечна песната толку повеќе смета на концентрацијата, а музика со текст е една од најлошите работи при извршување на вербални задачи. Демографски, музиката најмногу пречела во работата на постари луѓе.

Она што ја интересира Казан е зошто слушаме музика кога очигледно ни пречи во работата.

"Просто е: Ни се допаѓа, а најголемиот дел од нас не гледа дека тоа ни пречи," објаснува Левитин.

8 декември 2016 - 19:27