Koга е прерано за заебанции?

Ако нема доволно дистанца од темата, вицот навредува. Ако има премногу дистанца, тој е досаден. Па како да се одреди вистинскиот тајминг за шалење? Како тоа, како? Да речеме, го знаете ли вицот за Кајмаковски?*

Една од многуте славни изреки на Марк Твен гласи: „Хуморот е трагедија, плус време". Но колку време е потребно да помине од некоја трагедија или немил настан за да може човек да се нашали раат, без да го наречат бесчувствителен кретен?

За Американците тоа сигурно беше 11 септември - откако кулите близначки исчезнаа од њујоршкиот хоризонт со себе го однесоа и сиот потенцијал за смешка. Saturday Night Live,The Daily Show, сите шоу емисии кои вообичаено се шегуваа со секојдневието беа привремено укинати. За иронијата да биде поголема, сатиричниот Onion токму на тој ден требало да го објави првиот број по неговото селење од Медисон, Висконсин во Њујорк. Тоа издание, секако, никогаш не се појавило.

Повеќе од десет години подоцна темата е се уште чувствителна, иако не е единствената. Но дали може научно да се пресмета кога е добро време за зафрканција по некаква колективна траума?

Humour Research Lab (HuRL) на Универзитетот Колорадо започнала експеримент во октомври 2012, во исто време кога ураганот Сенди почнал да добива на сила на западните Кариби. Тимот собрал три твита од тогаш воспоставениот твитер профил @AHurricaneSandy, кој во капс лок ја исмејувал ситуацијата на оние погодени од катастрофата.

Како што бурата напредувала, учесниците во експериментот на една скала ја рангирале смешноста на твитовите, а на друга скала нивната навредливост. Резултатот е следен: тие сметале дека твитовите се најсмешни кога биле прашани во врска со нив еден ден пред бурата да направи р'шум. Подоцна, кога милиони биле без струја и кога се пребројувале жртвите, твитовите веќе не биле ич смешни.

Но, кога траумата слегнала, рејтинзите за смешност повторно пораснале, со пик 36-тиот ден по главниот удар на бурата, по што почнале да се намалуваат како што емоционалниот интензитет на катастрофата бледеел.

Ова е спротивна на некои одамна воспоставени теории за хуморот - ако како што велат Платон и Аристотел луѓето се смеат заради тоа да се чувствуваат супериорни во однос на другите, или ако, како што вели Фројд, тие се смеат заради психичко олеснување, тогаш рејтинзите требало да се највисоки во времето на најголемата човечка несреќа и траума.

Тука станува збор за нешто друго - за улогата на психолошката дистанца во комедијата и комичното. Ако нема доволно дистанца, вицот навредува. Ако има премногу дистанца, тој е досаден. Па како да се одреди вистинскиот тајминг? Ако просто се седи и се чека, моментот може да се пропушти. Можеби треба да се почне веднаш, но да се селектира целта на исмејувањето.

Во случајот со Onion по помалку од две недели од 9/11 тие почнале да пишуваат за трагедијата, но концентрирајќи се на терористите, а не на жртвите (еден од насловите бил „Грабнувачите изненадени што се нашле во пеколот"). Целата работа била ризична, но се исплатела - во Onion почнале да пристигнуваат пораки на пофалба и благодарност, што само покажува дека ако кажуваш нешто искрено и легитимно, коешто има релевантна поента, тоа ќе биде валидно и еден ден по настанот но и стотици години подоцна.

* Не, не знаеме никаков виц за Кајмаковски. Само сакавме да прочитате до крај.

25 март 2014 - 15:26