Австралиска дилема:

Кутија цигари или полна кошничка храна?

Со години Австралија води на листата држави со најскапи цигари, па моментално, во просек, тутунскиот курс е 1 евро - 1 цигара (просечна кутија со 20 цигари чини 35 австралиски долари, што е околу 21 евро).

Свесна за ова, една тамошна жителка (од тие најлошите – поранешен пушач) решава да направи експеримент во локалниот супермаркет и да провери колку производи може да купи за парите што инаку ги дава за две кутии цигари. Објавувајќи ги резултатите во пост на својот Фејсбук профил, кој станува масовно вирален, госпоѓата го пишува следното:

Цигари: 56,95 долари за 40 цигари.

Намирници: 56,85 долари за намирници вклучително појадок, ручек, вечера и грицки (банани, колбаси, мелено месо, паста, леб, млеко, моркови и корнфлекс).

Цигарите во Австралија прв пат поскапуваат во април 2010, за еднократни 25%. Потоа од декември 2013 секоја година поскапуваат за дополнителни 12,5%. Ова ќе заврши годинава во септември, кога нивната цена за последен пат ќе биде крената за 12,5% (сега за сега).

Според тамошни бројки зголемувањето на данокот на цигари довело до намалување на бројот на пушачи од 17,87 на 13,3 проценти, што е околу 890.000 луѓе помалку. Во исто време, според Светската здравствена организација кревањето на цената на цигарите е најефикасниот начин за откажување на луѓето од пушење.

На ваквите напори на австралиските власти, производителите на цигари одговорија со нудење помали пакувања, или додавање бонус цигари во кутиите, во обид да се задржат пушачите.

25 февруари 2020 - 10:48