Колумбија се пресрами за кокаинот

Најголемиот производител на кокаин во светот и најголемиот снабдувач на САД со кокаин, Колумбија, има намера да го декриминализира кокаинот.

Две недели по доаѓање на власт, првата левичарска влада на земјата предлага крај на „прохибицијата“ и започнување на „пазар за кокаин регулиран од владата“. Ваквиот потег би бил експериментален на ниво на цела Јужна Америка.

„Време е за нова меѓународна конвенција која признава дека војната против дрогата не успеа,“ порача претседателот на Колумбија, Густаво Петро, на својата инаугурација.

Се работи за радикален потег за државата во која е сместена најголемата канцеларија на ДЕА вон САД, и која се води како држава на потекло на 90% од кокаинот запленет во САД. Процената е дека само минатата година од предозирање со кокаин умираат над 25.000 луѓе во САД.

За Американците потенцијалната декриминализација би ја „убило“ соработката меѓу САД и Колумбија во војната против дрогата и истрагите околу шверц на дрога. До сега само на Колумбија и кокаинот, САД имаат потрошено милијарди долари, што на опрема, што на обука и програми за субвенционирање на руралните средини.

„Половина век откако Никсон ги прогласи дрогите за ’број 1 јавен непријател на Америка,’ колумбиската трговија достигна рекордни нивоа, а одгледувањето на кока во изминатата деценија се зголеми за три пати,“ пишува Вашингтон пост.

Намерата на колумбиските власти е декриминализацијата да биде на ниво на регион и да искористи што и владите во другите големи производители на кокаин, Перу и Боливија, исто така се левичарски, за да може да се постигне договор.

Планот, освен кокаин, ќе опфати и марихуана, плус прекинување во авионското прскање и рачното корнење кока растенија, кои според критичарите несоодветно многу ги таргетираат сиромашните рурални земјоделци.

„Нарко-дилерите знаат дека нивниот бизнис зависи од тоа да не биде дозволен. Ако го регулираш како јавен пазар, високите профити ги снемува и шверцот на дрога исчезнува,“ изјавува Фелипе Таскон, првиот човек за наркотици во владата на Петро.

Таскон објаснува дека Колумбија ќе продолжи со пресретнување и уништување на рутите за шверц на дрога.

Во јуни годинава „Комисијата за вистина“ на Колумбија, составена како дел од мировниот договор со ФАРК, предложи владата да се фокусира на „стриктна регулација на дрогите“.

Комисијата тврди дека воениот пристап против трговијата на дрога ги има засилено борбите во полувековниот судир во кој загинаа стотици илјади Колумбијци. Комисијата искористи и американски државни документи кои покажеле дека американската влада била свесна дека нејзината војна против дрогата ќе доведе до долгогодишно крвопролевање во Колумбија.

„Не гледаме шанса дека одгледувањето и трговијата со наркотици во Колумбија би можело да биде потиснато и така зачувано без крвави, скапи и долгорочни присилни напори,“ стои во американскиот разузнавачки извештај од 1983.

Моментално Колумбијците смеат да носат мали количества на марихуана и кокаин.