Пивскиот стомак на трудната жена

Хафингтон Пост загреба по таблоидното дно на американската сцена па ги потсети трендсетерите од тв шоуто Модна полиција дека не е лошо некогаш да се има усул.

Fashion Police e емисија на каналот Ентертеинмент што се занимава со облеките на јавните личности. Главна вилица е Џоан Риверс а има панел "експерти" кои си пуштаат фотки и снимки од познати фаци па потоа ги рецензираааат, ова чинело, ова не чинело. Главно "не чинело" оти публиката отсекогаш повеќе сакала крв во арената.

Оскарите се прилика каква што едвај чекаат овие модни шакали па во сета таа нивна професионална возбуда овојпат ја минаа границата на невкусот ругајќи се на изгледот на трудната Елза Патаки која очекува близначиња. Риверс алудираше на "чеканот на Тор" (Патаки е сопруга на Крис Хемсфорт) а на друг панелист му личело дека гледа пивски стомак.

Пред некое време младата и самосвесна Џенифер Лоренс ги критикуваше ваквите емисии дека ги учат младите на погрешни вредности и им порачуваат дека е во ред да се покажува кон некого со прст и да се нарекува грд или дебел.

Тие тоа го нарекуваат забава и реалност. Ама реалноста не треба да биде таква а ќе стане таква ако се продолжи со нормалноста на омаловажувањето.

7 март 2014 - 09:18