Како Фејсбук се претвори во фабрика за пари за велешани што пишуваат за Трамп

Во анализа на веста од пред неколку месеци дека Македонија, поточно Велес, претставува престолнина на про-Трамп сајтовите, Гардијан успева да идентификува над 150 домејни поврзани со вести со Трамп регистрирани на луѓе од Велес.

„Некои од нив тврдат дека собираат милиони импресии месечно. Најголемиот дел се релативно непознати. Сите постојат од една единствена причина - да соберат пари од наизглед бескрајниот апетит за вести за Доналд Трамп. И сите тие добиваат огромна помош од Фејсбук“, пишува Ден Тајнен.

Разговорот го водат со извесен Алекс (името е само за потребите на интервјуто), кој тврди дека е првиот од Велес што решил да пишува за американска политика. Неговиот бизнис имал иста судбина како видеотеки, пица парче, играчници, па кога неговите соседи го разбрале дека прави пари, и тие почнале да отвораат сајтови. Алекс тврди дека неговиот сајт добива околу милион посети месечно, а околу половина од нив доаѓаат од неговата фејсбук-страница.

Алекс е на чисто со две работи, дека сакаат да влијаат на американската политика и дека поради немање директен пристап на теренот сите работата ја почнале со копирање од конзервативни извори од САД. Во последно време имаат ангажирано неколку луѓе од САД што им пишуваат за да имаат и сопствена оригинална содржина.

„Постојат стотици релативно непознати политички сајтови регистрирани на оваа страна на Атлантикот (САД) што ги собираат вестите од големите медиуми, ги менуваат насловите за да бидат попривлечни за кликање и ги испорачуваат до своите читатели преку Фејсбук“, објаснува Тајнен.

Иако Алекс не кажува колку пари прави, Тајнен зборува со сопственикот на Либерти рајтерс њуз (овој е од Сан Франциско), кој функционира со вкупно двајца луѓе и заработува меѓу 10 и 40 илјади долари од реклами што се прикажуваат на него. Како што му објаснуваат, целата магија е во:

- пишување кликбејт наслов

- ставање некое видео од Јутјуб што е приближно на темата

- составување пост од 400 зборови во рок од 15 до 30 минути

Три месеци по пуштањето, сајтот има околу 700.000 посетители на ден, бројка што секој месец се зголемува за два пати. Според нив, околу 95% од посетителите им доаѓаат од Фејсбук, каде нивниот пејџ има 150.000 лајкови, „меѓутоа благодарејќи на шерувањето со истомислениците, оваа публика и на 7 до 8 милиони корисници“. Месечно тие трошат околу 3.000 долари на реклами на Фејсбук.

Без никаков проблем тие признаваат дека дел од сториите ги завршуваат повик до читателите: „*** Веднаш споделете го ова! Да бидеме побрзи од либералните медиуми. Споделувајте го насекаде низ Фејсбук.“

На прашањето, „Што кога Трамп ќе изгуби“, велешанецот самоуверено одговара дека дури и да изгуби тоа нема да му влијае на сообраќајот, „има премногу хејтери на интернет, а целата моја публика ја мрази Хилари.“

25 август 2016 - 17:15