Белата куќа на Твитер му нарачувала цензурирање новинари

Се појавија нови докази дека официјални лица од Белата куќа приватно побарале од вработени на Твитер да го цензурираат и забранат новинарот Алекс Беренсон, пишува Вол стрит журнал.

Беренсон е еден од најгласните критичари на владините карантини, задолжителното носење маски и МРНА вакцини. За последново, Вол стрит журнал се оградува дека Беренсон избрзал во отфрлање на бенефитите на вакцините а го пренагласил потенцијалниот ризик, „но тоа не е ништо полошо од луѓето со власт кои ги пренагласуваат нивните бенефити и се пребрзи да ги отфрлат, па дури и да се мали, ризиците.“

„Истите овие луѓе со власт ги опфаќаат и цензорите на Твитер и функционери од администрацијата на Бајден кои се трудат да ја стишат јавната дебата околу ковид вакцините и маските. Минатиот јули претседателот Бајден јавно ги обвини компаниите зад социјалните мрежи дека ’убиваат луѓе’ со тоа што не отстрануваат содржини кои поттикнуваат колебање околу вакцините.

Неколку часа по коментарот на Бајден, Твитер ја заклучи сметката на Беренсон. Следниот месец Твитер трајно го банираше Беренсон откако твитна дека МРНА вакцините не ’спречуваат заразување. Или пренесување. Не го сметајте тоа како вакцина. Гледајте на тоа - во најдобар случај - како на терапија со ограничен прозор на ефикасност и ужасни нус-појави кои мора да бидат дозирани пред болеста. И ние сакаме да ги направиме задолжителни? Лудило,“ пишува во едиторијалот на Вол стрит журнал.

По ова Беренсон го тужи Твитер дека со бришењето ги прекршил сопствените правила. Во спогодбата околу тужбата, Твитер призна дека згрешил со банирањето на Бренсон и се согласи да ја врати неговата сметка. Како дел од процесот од Твитер се бара да достави дел од внатрешната документација (мејлови) која се однесува на Беренсон.

Во петокот Беренсон почна да објавува дел од документите што ги добил. Па така еден разговор од внатрешниот Слак канал на Твитер, покажува дека луѓе од Белата куќа на Бајден во април 2021 се сретнале со вработени на Твитер и го таргетирале Беренсон. Еден од вработените пренесува дека состанокот со луѓето од Белата куќа минал „многу добро“ ама „тие имале едно многу тешко прашање околу тоа зошто Алекс Беренсон се уште не е шутнат од платформата.“

„- Некои поважни извадоци од состанокот? Нешто на што треба да внимаваме?

- Да, тие стварно сакаа да знаат за Алекс Беренсон. Енди Славит (советникот на Белата куќа за ковид) изјави дека виделе податоци кои покажуваат дека Беренсон бил во епицентарот на дезинформациите кои се ширеле кон публика што може да се убеди,“ стои во документите од Твитер.

Иако Твитер не го банира Беренсон се до август, вработените се под очигледен притисок да го направат тоа, и овој притисок се случува летото 2021 за време на подемот на делта варијантата и издишувањето на ефикасноста на вакцините кои го попречија ветувањето на Бајден за сопирање на вирусот.

„Твитер е приватна компанија. Меѓутоа доказите за директна врска меѓу притисокот од Белата куќа и цензурата од Твитер може да ги засили аргументите дека социјалните платформи можат да бидат тужени како ’државен актер’ заради ограничување на говорот при што се прекршува Првиот амандман. Судовите не се волни, и со право, да дозволат такви тужби да се процесираат без докази кои ги поврзуваат конкретните барања од владини функционери за цензура.

Беренсон покажа дека функционери на Белата куќа побарале платформата да го замолчи, а веројатно и други кои не одат по линијата на Белата куќа за ковид. Дали функционери на Бајден ги притиснале другите платформи да цензурираат корисници кои изразуваат спротивставени ставови на други теми како климатски промени?

Владиниот одговор на ковид ја покажува важноста на робусна дебата, бидејќи најголем дел од официјалното мислење излезе дека е погрешно и дека направи голема штета. Заедничкото работење на големите технолошки компании и самата влада е опасност за јавното здравје и демократијата,“ порачува уредништвото на Вол стрит журнал.

17 август 2022 - 09:51