BBC ги трга рецептите од сајт

Заради потребата од финансиска диета и желбата да се врати на својот стар карактер, Би Би Си реши да го ослаби веб сајтот. Меѓу другото, од таму ќе бидат тргнати 11.000 бесплатни онлајн рецепти за храна.

Рецептите и другите "забава и живот" рубрики полека го одвлекоа угледниот британски јавен сервис во трка со весниците и магазините кои живеат од тоа. Ваквата разноликост секако носи публика но тоа знае да отиде на штета на препознатливоста на содржините на еден медиумски бренд каков што е Би Би Си.

"Публиката очекува од нас да сме присутни на интернет но ние никогаш не сакавме имаме сè и за секого. Ова ќе биде непопуларна одлука кај дел од читателите но убедени сме дека носиме исправна одлука", велат од BBC објаснувајќи ја промената во тактиката и одлуката во иднина да бидат "фокусирани и дистинктивни".

Во наредните 12 месеци од сајтот на BBC ќе бидат укинати цел куп магазински рубрики а ќе се крати и на локалните вести. Ваквата рационализација се очекува да им донесе заштеда од 15 милиони фунти годишно. 

Најмногу болат рецептите односно рубриката за храна. Сајтот ќе се откаже од 11.0000 онлајн рецепти а оние од тв емисиите ќе останат на нет 30 дена по нивното емитување. Сето тоа ќе оди во архива, што значи дека и натаму ќе постои но ќе биде ѓаволски тешко да се дојде до него. Од куќата велат дека во иднина некому ќе му биде потребно упорно и упатено копање по структурата на сајтот за да дојде до рецептите.

Некои британски готвачи најавија дека ќе одат контра ваквата одлука на BBC (против која има и петиција веќе потпишана од речиси 100.000 луѓе) и дека сè што имаат, ќе го стават на интернет, затоа што и самите научиле да готват главно со помош на бесплатните онлајн рецепти.

18 мај 2016 - 13:20