Не си прав феминист ако не направиш вазектомија?

Ако веќе се доживуваш себе како сојузник на жените, време е со дела да застанеш зад своите ставови и да направиш вазектомија, порачува колумнистката на Гардијан, Џил Филипович.

Редејќи го напредокот што го имаат постигнато американските мажи, од минување повеќе време со своите деца, рамноправни бракови,, подобар баланс меѓу работата и приватниот живот, до раст на бројот на сопруги кои работат надвор од дома, Филипович се запрашува „зошто повеќе мажи не почнат да прават вазектомија“.

Нејзиниот аргумент почнува со тоа дека „јазот во контрацепцијата“ е најголемата и најтрајна нееднаквост меѓу двата пола. Па додека 100% од Американките во еден дел од животот ќе преземат некакви мерки за спречување на бременоста, помалку од 10% од мажите се потпираат на користење кондоми, а само 10% од мажите што се во брак имаат направено вазектомија.

Откако ќе ги прочешла можните причини што не ја оправдуваат вака ниската стапка на стерилизирани мажи: бесплатно е, безбедно е, брзо е, нема болка, што ќе ти е плодност ако си во брак имаш деца и не сакаш нови да правиш, таа сепак констатира дека „вазектомијата е последно нешто на што помислува мажот“.

За Филипович причина за ова е претпоставката дека и понатаму целата одговорност за репродуктивниот товар паѓа на жената.

Зошто ова е „товар“ за жените, кога можат да се заштитат со апче? Меѓудругото и затоа што од апчето против бременост има поголема опасност од згрутчување на крвта отколку што има од вакцините на Џонсон и Џонсон или Астразенека, кои заради оваа нус-појава беа забранети за користење за различни возрасти во различни држави низ светот.

Филипович посочува дека како апчето, така и другите методи за контрацепција што ги користат жените низ светот имаат свои нус-појави. Единствена метода за која таа знае а нема нус-појави по жените е машката вазектомија, а самото тоа што толку малку мажи се решаваат на ова е симбол на сексизам:

„Очекувањето е дека жената не само што ќе ја сноси целата работа при репродукцијата, често пати трајно нарушувајќи го нашето здравје, и секогаш ризикувајќи го нашиот живот, туку треба и да преземе 100% од болката и ризикот за спречување на бременоста. А за мажите останува само забавниот дел...

... Мажите треба да се кренат на бунт зошто немаат повеќе опции за контрацепција.

И што повеќе од нив треба да направат вазектомија.“

10 август 2021 - 13:34