Левицата денес го прави она што до вчера го правеше десницата

После цел живот поминат на левица, Ноам Чомски си дочека да види како во тој дел од политичкиот спектар се раѓа оној монструм против кој цел живот се има борено. Задушување на слободите, бришење луѓе од јавниот простор, лишување од правото да се дебатира, секакви лустрации, убивање на хуморот и метафората, налудничави ловења вештерки, тоталитарно управување со јазикот..... Цел сет алатки кои до вчера против левицата ги користеа оние кои се десно. 

Господине Чомски, сешто се пишува и чита за „културата на откажување“ . На што прецизно се мисли во писмото (кое на оваа тема го потпишаа Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг, Маргарет Атвуд, Франсис Фукујама, Малколм Гладвел, Гари Каспаров, Салман Ружди... види овде)?

- Културата на откажување во поширока смисла е еден традиционален метод -  речиси станува збор за механизам - на меинстрим естаблишментот коj до пред неколку години едвај се  забележуваше, со кој на левицата ѝ се бранеше да учествува во јавни расправи и јавниот живот. Можам да ви дадам куп примери од сопственото искуство, но на други, кои делат слична политичка позиција, верувам дека им било уште полошо.

Велите дека не се забележувала. Зошто?

-Причината е едноставна. Би рекол, за жал едноставна. Бидејќи во доминантната, главната идеологија на десниот центар се сметаше легитимно да се наметнуваат граници за левите идеи и иницијативи. Тоа беше, а и сега е, нешто сосема очекувано и нормално.

Што тогаш се има случено што решивте да реагирате и после цел живот поминат на левица, практично „во пензија“, да ризикувате конфликт со левицата?

- Се смени тоа што поедини сегменти од левицата ја присвоија досегашната стратегија на доминантната десна идеологија. Прифатија идентична стратегија, и тоа на огромно задоволство на своите традиционални мачители. Трамп цела кампања гради на тоа! И тоа е она што сега го викаме „култура на откажување.“ Подготвеноста на левицата да ја прифати истата стратегија со помош на која, со години беше ограничувана од десните идеолошки позиции.

Можеме да дискутираме дека тоа ѝ се исплатеше на десницата. Зошто да не ѝ се исплати и на левицата?

Не! Таквото прифаќање на десничарските механизми на гушење на дијалогот и јавната расправа, за левицата ќе биде погубно и е исклучително автодеструктивно.

Некои велат дека сме во процес на тестирање на новиот сензибилитет на јазикот, дека тој процес отсекогаш бил примарно политички и дека затоа е често насилен. Како лингвист, го сфаќате ли тоа на таков начин?

- Овде дефинитивно се работи за делумни категории на тоталитарен новоговор, вештачки јазик и многупати се спомнува Орвел, би рекол, не без причина.

* За Јутарњи, Чомски го интервјуирал Џино Колега кој го правеше интервјуто и со Пинкер (види: Не постои ЛГБТ таблица на множење)

19 јули 2020 - 16:16