Зошто Рене Реџепи не доби трета Мишелин ѕвезда?

Бинг Крозби за Френк Синатра има кажано: "Пејач како Синатра се појавува еднаш во животот. Ама мораше ли да се појави баш во мојот?" Нешто слично за Рене Реџепи би можел да мисли данскиот шеф Расмус Кофоед.

Копенхашкиот ресторан Гераниум на Кофоед доби трета ѕвезда во последниот Мишелин водич за нордискиот регион. Па сепак, главна вест не се неговите три ѕвезди туку Рене Реџепи и фактот дека шефот со потекло од Гостивар остана на две.

"Ќе добие ли некогаш НОМА три ѕвезди"? крикнаа неколку влијателни сајтови во кулинарскиот свет.

Не дека Реџепи има за што да се секира. Во моментов старата Нома е затворена, тој е преселен во Сиднеј и во позадина се подготвува на новата локација во Кристијанија (види овде). Тој во 2015-та се префли на еден месец во Токио а три години претходно го однесе целиот свој екипаж на неколку недели во Лондон.

А во Сиднеј му оди вака: за следните 10 недели во неговиот ресторан се уплатени речиси 1, 7 милиони евра за резервации!

Дилемата во која можеби се наоѓа Реџепи е следнава: ако сака да ја лови третата ѕвезда ќе треба да се скраси бидејќи Мишелин оценуваат стабилни понуди и менија. Но, од друга страна, нему сè подобро му оди на листата The World's 50 (моментално е трет) која станува сè повлијателна. А на тоа жири му е здодеано да џвака мов и да брка мравки по чинијата и е во очајна потрага по следниот голем и битен кулинарски тренд (по перуанската и мексиканската кујна).Ако е по второво, на Реџепи му е попаметно да го мозга следниот концепт за фармата во Кристијанија отколку да брка ѕвезди.

Само да не испадне чекањето предолго како кај неговиот ментор и вистински магионичар Феран Адриа кој и после 5 години откако го направи последниот оброк во стариот "ел Були", новиот (фарма, езеро, музеј, кујна, ресторан, академија) сè уште го нема отворено.

7 март 2016 - 11:44