Италијанска кујна не трпи месо од лабораторија

Земјата која има построги правила за тоа како да замесиш тесто за пица отколку што има сообраќајни правила, на сите можни нивоа ќе блокира какво било припарување на „вештачко месо“ во нејзините граници.

Италијанската влада ќе забрани производство или продажба на храна од лабораторија или сточна храна, со казни до 60.000 евра и можност за присилно затворање на компанијата.

„Италија е првата држава која рече не на синтетичката храна, за која веруваме дека не гарантира здравје, квалитет или заштита на нашата култура и традиција,“ порачал министерот за земјоделие, Франческо Лолобриџида.

Италија месецов исто така најави дека ќе го забрани и користењето на брашно од бубачки за пици и паста, кое беше дозволено од Европската Унија.

Оправдувањето што стандардно се користи за туркање на вештачкото месо е дека тоа ќе ја намали потребата од крупен добиток, а со тоа и загадувањето од нив.

Анкета спроведена од Колдирети, сточарската лоби група, покажала дека 84% од испитаниците биле против месото од лабораторија, а до сега над 500.000 лица ја имаат потпишано петицијата против оваа технологија.

31 март 2023 - 09:48