Храна зачинета со идеологија

Дали некоја конкретна храна е здрава за човек веројатно зависи од неговиот генетски профил и нема врска со неговата политичка ориентација. Ама затоа прашањето колку таа храна човек ќе ја перцепира како здрава зависи од тоа дали начинот на кој му се рекламира е во согласност со неговите политички погледи.

Нови истражувања сугерираат дека и либерали и конзервативци ја перцепираат храната како помалку здрава ако им е понудена на начин кој не е во тон со нивните идеологии и поглед на свет. И тоа дека внесувањето политика во маркетирањето може да донесе главно зијан, односно да отуѓи голем број корисници со поинакви погледи додека истовремено не носи толкав бенефит кај оние на кои им одговара употребената политичка нота.

Денес компаниите сè почесто вмешуваат политика, бидејќи тоа е прилично евтин ПР за манифестирање дека се „на линија“. По убиството на Флојд и демонстрациите иницирани од него, Лего ги повлече играчките на тема полицајци а сладоледџиите Бен и Џери за заколнаа дека ќе ја „ќе ја раштрафат белата супремација“, како што пишавме во статијата „Кој ќе профитира од Блек Лајвс Метер?“

Подолго време е познато дека нашите политички погледи влијаат врз нашите потрошувачки навики. Во студија од 2003 година утврдено е дека либерали, кои се палат на нови и возбудливи  производи, преферираат да шопингуваат во Трејдер Џо, додека конзервативци, кои се палат на „пробано и проверено“, се решаваат за Волмарт во кој наоѓаат брендови на кои им веруваат.

Во последнава студија биле испитани 699 возрасни Американци, распоредени на идеолошка скала од еден (многу либерален) до седум (многу конзервативен)..

Сите читале кратки, фиктивни промотивни пораки од ресторан за брза храна. Една третина од нив прочитале порака која алудира на морални вредности привлечни за конзервативците (пораката гласела: „Ние сме многу горди што сме дел од американската култура и што го нудиме својот хот-дог на нашите сограѓани Американци“).

Втората третина испитаници читале порака интонирана така да им се допадне на оние со либерален поглед на светот („Ангажирани сме околу намалување на социјалната неправда така што подржуваме локални заедници и добротворни каузи“). Последната третина прочитале промотивна порака која не била политички врамена.

Потоа испитаниците се изјасниле на кое ниво се согласуваат со тврдењата дека виршлите го зголемуваат ризикот од дебелеење, дијабетес и срцеви проблеми. Резултат: либералите оцениле поголема штетност на виршлите ако биле меѓу оние кои ја прочитале конзервативната реклама а истото важи и за конзервативците на кои им се паднала онаа, либералната порака.

Интересно е што читање на прифатливата политичка порака не ја зголемува перцепцијата дека таа храна е здрава. Со други зборови, политички допадливите пораки не придонесуваат  истомислениците да мислат дека некоја храна е здрава. Со трети зборови, нема фајде политичар да ти рекламира виршли.

12 јули 2020 - 13:37