Болничка храна доби престижно кулинарско признание

Болничката храна кај нас се доживува како „казна во казна“. Во Белгија е троа поинаку. Тамошна болница доби високо признание за нивната храна од угледен француски гастрономски водич. Менито на наградената белгиска болница сепак нема да биде ставено во препораките бидејќи за тоа треба и да си малку болен.

Болницата АЗ Гронинг во градот Кортријк во западна Белгија стана првата болница во Бенелукс која е официјално призната од угледниот француски водич за храна Gault & Millau за квалитетот на храната што им ја служи на своите пациенти.

Врвни експерти на Gault & Millau кои ги покриваат земјите од Бенелукс  ја посетиле болницата, ја пробале храната од нивната менза и се одушевиле, особено од нивните јадења со риба, сосовите и комбинациите со компири.

Уредништвото заклучило дека храната во болницата е подготвена со врни стандарди а првиот човек на водичот изјави дека со задоволство би послужил некои од тие јадења во својот дом.

Генералниот совет, вели тој, е да се работи со добри состојки и да се држиме до рецепти кои можат квалитетно да се изведат.

„Луѓето нужно не сакаат премногу комплицирани работи. Направете го здраво, направете го вкусно... Обидете се да готвите онака како што би готвеле за себе“, порача преку Ројтерс Марк Деклерк.

„Го е Мијо“ се бави со рангирање ресторанска храна од 1965 година.

16 март 2023 - 13:29