Левицата го мрази Питерсон затоа што игра на нивен терен

Да беше конзервативен или теолошки мислител, Џордан Питерсон најверојатно немаше да дигне никаква галама. Но, бесот и омразата која тој ја предизвикува кај левичарите се должи на што игра токму на нивен терен, онаму каде што мислеа дека културолошкиот монопол им е загарантиран.

Контрастот меѓу реалната содржина на неговите пораки и гневот и навредите кои ги предизвикува не престанува да ме изненадува. Дали навистина дојдовме до точка во која базични аргументи како оној дека мажите и жените се различни, дека во слободни општества тие веројатно ќе донесуваат различни одлуки за себе баш затоа што се различни, дека религијата и старите традиции можат да бидат некакво упатство за живеење денес, се станати толку отровни што оние што така мислат треба да доживеат безмилосна кампања сè дур не бидат протерани од јавниот простор?

Или пак, зошто, со оглед на очигледната криза со која младите денес се соочуваат - зголемени стапки на самоубиства, овердозирања, губење верба во образованието - со толку неверојатна омраза се реагира кон човек кој до истите тие млади луѓе пробува да допре со порака за трудољубивост, професионална одговорност, чесност и интегритет?

На крајот на краиштата, ако си теолошки конзервативен христијанин или Евреј, човек кој е упатен во Библијата и се обидува да живее во согласност со библискиот морал - на пораките на Питерсон може да им забележиш дека се премногу базични. Читателите кои длабоко ја познаваат Библијата веројатно е да замерат дека некои од неговите совети се премногу елементарни.

Но, токму тоа и е проблемот. Ако Питерсон ѝ се обраќаше на христијанска публика, ќе беше еден од многуте гласови. Интересен, но не премногу релевантен. Но, тој се издвојува токму затоа што игра во културолошкото милје на Левицата. Тој го вознемирува секуларниот културолошки монопол со аргументи за историјата, традицијата, со мудри мисли за човековата природа кои културните радикали мислеа дека веќе ги имаат протерано. 

Тоа е причина за бесот, тоа е причина за омразата. Кога тој ќе настапи во секуларен факултет, или секуларна телевизија, пред секуларна публика, и почнува да зборува за старите теолошки аргументи, тоа е како да сте викнале професорка по транс-џендер студии во баптистичка школа. Некои работи во некои средини не се зборуваат.

Левицата долго време беше доминантна во целиот секуларен простор - поп културата, академскиот свет, меинстрим медиумите, корпоративната Америка. Но, таа култура остави многу луѓе зад себе. Што повеќе да се каже од тоа дека најмоќната и најбогатата нација на светот денес се соочува со намалување на очекуваниот животен век?

И додека Левицата ја притискаше црквата, се сврте назад и виде чад во сопствениот камп. Точно е, Питерсон ја држеше запалката но околу него сè беа брикети. Не се работи за тоа дека многу мажи (и многу жени) не успеале да се прилагодат на новите родови идеологии. Се работи за тоа дека новите родови идеологии често не успеваат да одговорат на најдлабоките човечки пориви и потреби и да ја разберат основната човечка природа. Како што Питерсон пишува во „12 правила“: „Не можеме да измислиме свои вредности бидејќи не можеме туку така да ѝ наложиме на душата во што да верува“.

Дејвид Френч

23 мај 2018 - 14:05