Критична маса картон

Картонски кациги се новата надеж за чување на главата на велосипедистите. Инспирирани од клукајдрвецот а изработени како кај пчелите.

Лична велосипедска незгода по која кацигата му била тотално уништена му донела и еурека момент на еден досетлив дизајнер кој тврди дека картонот може да биде многу поефикасна заштита од сегашните решенија на заштитни кациги.

Клучниот проблем е како мозокот како мек и пливачки орган да намали брзина кога черепот неочекувано ќе биде сопрен од удар во бетон или друга тврда препрека.

Инспирација за картонскиот шлем на британскиот Индиец Анируда Сураби е природната заштита на клукајдрвецот кој удира десетпати во секунда со брзина рамна на судар на 80 километри на час и ич глава не го боли. 

Решението е изработено како двоен картон со мрежаста структура во форма на пчелино саќе. При удар, воздушните џебови пукаат и го апсорбираат ударот со што на мозокот му се даваат екстра милисекунди да ја забави инерцијата и да удри поблаго во черепот што некогаш може да значи и спасување живот.

Картонската кацига е веќе во продажба и била многу популарна кај велосипедистите кои бараат алтернативи на доминантно присутните полимерни решенија. 

Во суштина, и натаму трае дебатата дали кацигите воопшто им помагаат на велосипедистите. Една причина за сомнеж е самата ефикасност на стиропорот да амортизира удар а втора е психолошкиот момент, што велисепист кој носи кацига мисли дека е заштитен па вози дополнително ризично.

12 јануари 2014 - 15:44