Ѕвездени војни, приказната за лошо родителство

И покрај пребогатите ликови, неповторливата приказна и епските битки меѓу галактички империи, седумте филмови и остатокот на Ѕвездени војни универзумот се резултат на семејната приказна на едно единствено семејство - Скајвокер кланот.

"Токму внатрешната дисфункционалност меѓу различните генерации Скајвокери е коренот на сите проблеми - на кој се надградува приказната.

На кратко, Ѕвездени војни е отворен циклус на научно фантастични филмови за лошо родителство," објаснува Џит Хир за Њу Рипаблик.

Во анализата на филмовите, по хронологија на приказната не по годината на продукција, првиот лош татко во Ѕвездени војни е самата Сила. Во Фантомска закана (1999-та) дознаваме дека Анакин Скајвокер, кој кога ќе порасне станува Дарт Вејдер, има натприродно раѓање, без татко. И како што тврди мајката на Анакин, Шми Скајвокер, "Немаше татко. Го носев, го родив, и го израснав... не можам да објаснам што се случи."

Оваа приказна одма е поврзана со христијанското учење за раѓањето на Исус, иако во Ѕвездени војни универзумот целото зачнување беше објаснето како сосема поразлична процедура.

"Меѓутоа ако Силата навистина е татко на Анакин, тогаш мора да заклучиме дека Силата е космичка протува од татко. Шми и Анакин живеат како робови; Анакин е одземен од мајка му за да биде израснат како Џедај, и постепено се врти кон злото. Ако Силата малку повеќе внимаваше на жената која ја забремени и на нивното дете, голем број од злото што се случува во Ѕвездени Војни, вклучително и геноцид, ќе беа избегнати," објаснува Хир.

По ова Дарт Вејдер ја продолжува серијата на ужасни татковци, па оддалечен од неговата сопруга Амидала, тој не игра никаква улога во одгледувањето на близнаците Лук и Леа, за време на чие породување Амидала умира. Затоа што растат сосема изолирани еден од друг, братот и сестрата во еден дел за малку и влегуваат во инцест.

Во последното продолжение само се повторуваат лошите родителски пракси карактеристични за Скајвокер семејството. Леа има син, Бен, со Хан Соло. Бен од вујко му Лук учи како да стане Џедај, за со тек на време да прејде на Мрачната страна и да стане Кајло Рен, сакајќи да ги следи стапките на дедо му Дарт Вејдер.

Тука е и ликот на Реј, девојката за која уште не е потврдено дека е сестра на Бен, кај која Силата е исклучително силна. Она што е за сега сигурно, е дека приказната за Реј е поврзана за ужасните родителски пракси на семејството Скајвокер.

21 јануари 2016 - 12:25