Од руски агол:

Кој победи на 9-ти мај?

Темата се "три мита" околу Втората светска војна и доминантното верување на Американците и Западна Европа, дека влегувањето на САД во војната против силите на Оската е клучен момент за крајниот исход на Втората светска војна.

Трите мита за кои пишува Р магазин на Росискаја газета се:
- дека СССР би ја изгубил војната без американска помош
- дека инвазијата на Нормандија е чисто инспирирана од борбата против Хитлер и дека таа е пресвртницата во војната (а не на пример Курск или Сталинград)
- дека американската војска го нанесува одлучувачкиот удар во Африка и во војната против Јапонија.

Нивниот став е дека без разлика на сè мора да се признае огромниот придонес на САД, кои во сојуз со земјите на Комонвелтот ги имаат некои од најважните победи во борбите со морнаричките и воздушните сили на Јапонија, и дека нанесуваат сериозна штета на германската воена машинерија. Ништо помалку не е важна ниту нивната улога во снабдување на СССР со оружје и останата помош.

Во исто време Втората светска војна е пресвртницата по која САД излегуваат како суперсила, за што цената е 322.000 загинати Американци и тоа претежно војници, "релативно мала цена во споредба со СССР." Покрај ова војната никогаш не стига до нивна територија, а САД имаат интензивен раст на економијата.

Мит број 1: Американската помош за СССР
Во 1941-ва американскиот конгрес носи закон за давање поволни наменски кредити за купување оружје од САД, за секоја земја "чија одбрана е важна за интересите на САД," притоа се гарантира отпишувањето на долгот за сето оружје што нема да биде потрошено за време на војната.

Оваа помош прва ја добива Велика Британија која до крајот на војната се задолжува со 31,4 милијарди долари. Во исто време СССР се задолжува со 11,3 милијарди долари.

Иако како вкупна бројка помошта што СССР ја добива од САД изнесува 4% од БДП-то на Советите, станува збор за сосема поинаков размер ако помошта се стави наспроти конкретните гранки на кои таа се однесува, од кои сите се сериозно дефицитарни во СССР. На пример (во однос на вкупното производство на СССР во тој период):

- помош во месни конзерви - 480%
- обоени метали - 76 до 223% во зависност од металот
- животинска маст - 107%
- волна - 102%
- автомобилски гуми - 92%
- експлозиви - 53%

Американците имаат испорачано и 375 илјади товарни возила, 51,5 илјади џипови, 1,22 милиони километри телефонски кабли, 189 илјади телефонски апарати. Од воена опрема тие увезуваат 12% тенкови (од вкупното производство во СССР). 20% бомбардери, 16% ловци авиони, 22% воени бродови, и 445 радари.

"Фактот е дека во текот на летото и септември 1941-ва, кога на Советскиот сојуз му е најтешко, тие се уште не добиваат испораки од САД. (Испораките започнуваат по посетата на специјалните пратеник на американскиот претседател на 30-ти септември 1941.) Германската војска е стопирана на влезот на Ленинград и Москва исклучиво со советско оружје. Би била точна констатацијата дека американската економска помош на советските вооружени сили во најголем дел почнала да пристигнува во втората половина од 1943-та, и дека значително го забрзала падот на германските нацистички сили на источниот фронт, меѓутоа погрешно е да се изведува заклучокот дека без оваа помош воопшто победата воопшто не би била извојувана," пишува Јарослав Бутаков.

Мит број 2: Битката за Нормандија го одлучува исходот на војната
Во времето кога американските и британските трупи влегуваат во северна Франција на 6-ти јуни 1944-та, германската армија веќе има доживеано серија решавачки порази на Источниот фронт, кои Советите ги извојуваат уште од декември 1941-ва.

Уште во ноември 1942-ра силите на Вермахтот на Источниот фронт се доведени во ситуација да ги бранат своите стратешки позиции, а до летото 1944-та советската армија веќе има ослободено најголем дел од територијата на СССР која беше под окупација од германската армија.

"Ако се земе предвид целокупната стратешка слика од Втората светска војна, повеќе основа има ставот на нашата историографија, според кој инвазијата на Нормандија е изведена во летото 1944-та за да не се дозволи советските трупи сами да ја однесат конечната победа над Вермахтот.

Битките во Западна Европа 1944-1945. по својот размер и жестина во ниту еден момент не биле ни близу до она што се случувало на Источниот фронт, и тоа не само меѓу 1941-1943, туку и во последните две години од војната. Советско-германскиот фронт се до 9-ти мај 1945-та, беше главниот фронт во Европа.

Во јануари 1945-та кога Германија вложува максимален напор на Западниот фронт заради Арденската офанзива, единиците на Вермахтот на Западот бројат вкупно 73 дивизии, додека во исто време на Истокот има 179 германски дивизии. Се на се, против советските трупи во тоа време се ангажирани околу 80% од активната германска копнена војска, 68% од нејзината артилерија, 64% од тенковите и 48% од воената авијација. Според тоа, дури и во последната година од војната главните сили на германската копнена армија се борат на Исток, а не на Запад," пишува Бутаков.

Бројките на Вермахтот покажуваат дека за време на целата Втора светска војна уништени се вкупно 130 германски копнени единици, од тоа 104 дивизии се поразени директно од советски сили.

Мит број 3: Американците ја уништуваат Германија на запад и Јапонија на исток
Освен намалувањето на улогата на СССР, позиционирањето на американските сили како одлучувачки на сите можни фронтови паралелно ја намалува и жртвата и улогата на останатите држави кои се борат против фашистите како земјите на Комонвелтот и Кина. Не само што секаде каде што се борат Американците тоа го прават во соработка со други сили, туку тие не секогаш се и мнозинство во овие сили.

Кога Американците во 1942-ра влегуваат во Африка, тие таму се судираат со италијанската и француската армија (на Петен). Додека силите на Комонвелтот од 1940 до 1942 се во постојан судир со германската армија. Англичаните во 1942-ра извојуваат победа кај Ел Аламејн, што е пресвртница во војната на Медитеранот. Победата е извојувана пред САД воопшто да стапнат во Африка.

Се до летото 1944-та, британската империја има неколку пати побројна војска од Американците и на Запад и на Тихиот океан. Соодносот почнува да се менува дури по Нормандија. "Битката за Атлантикот" ја добива токму британската воена морнарица која уништува 525 германски подморници (наспроти 174 уништени од САД).

За време на целото војување во Азија, Кина постојано ги истоштува ресурсите на Јапонија, која непрестајно испорачува повеќе од половина од своите копнени сили во Кина.

"И како што многу пати веќе е пишувано за тоа, 'последниот удар на мачот' кој ги присилува Јапонците да капитулираат не се нуклеарните бомби, туку влегувањето на СССР во војната против Јапонија.

Според тоа, улогата на САД во силите на коалицијата не може да се третира како потполно доминантна дури ни на оние фронтови на Втората светска војна, каде западните сојузници имаат одлучувачка улога," објаснува Бутаков.

9 мај 2016 - 13:13