Историска величина во куќен притвор

На човекот кој го обликуваше текот на историјата во 20-от век, денес денот му зависи од жената. Човекот кој водејќи ја Германија кон обединување стана татко на нацијата, денес не може да биде татко на своите деца.

Синовите на Хелмут Кол тврдат дека татко им живее во куќен притвор. Валтер и Петер Кол јавно ја обвинија сопругата на нивниот татко дека го држи во комплетна изолација од блиските и пријателите и има целосна контрола врз неговиот живот. Ускратени му се и контактите со долгогодишните соработници и пријатели и практично неподвижен се чува во бунгалов кој го дели само со жената.

Претходната сопруга на Хелмут Кол и мајка на неговите два сина си го одзема животот во 2001-ва година отако се разболе од ретка и тешка алергија на светлина.

Кол во 2008-ма се прежени со 48 годишната Мајке Кол Рихтер, на свои 78 години.

Оттогаш таа полека ја презема контролата врз неговиот живот а заради таа посесивност печатот веќе ја нарече Леди Магбет.

"Вратата ми ја отвори Мајке и ладно ме упати кон дневната соба каде што седеше татко ми. Очигледно се израдува што ме гледа мене и што сум ја донел внука му. По некое време ми рече: Подобро да си одите, оти ќе си имам проблеми," сведочи за Шпигл помладиот син на Хелмут Кол.

Рестрикциите таа ги засилила по речиси фаталниот инфаркт во 2008-ма по кој Хелмут Кол oстана парализиран и со отежнат говор. Проблеми со неа имаат и политичките историчари бидејќи не можат да допрат до драгоцената архива и преписки кои ги има Кол а се во нејзина контрола.

4 март 2013 - 09:49