За апликациите и зошто таблет магазините не успеваат

Не е дека таблетот е лош за читање, бидејќи апликациите како Зите, Флипборд, Фејсбук и Твитер, одлично си ја вршат работата и се главен извор на информации, проблемот е што поединечните апликации за магазини најчесто стојат како украс меѓу останатите апликации.

Минатата година Нилсен процени дека мобилните корисници во просек имаат по 41 апликација на својот смартфон. Во април, друга студија покажа дека просечниот корисник дневно отвора по 8 апликации, меѓу кои најпопуларни се Фејсбук, ЈуТјуб и игрите. А според извештај на Локалитиск од 2012-та, 22% од апликациите се отворени само еднаш.

"Иако овие бројки се генерално за мобилните, а не само за таблет, сликата е јасна: Нема многу простор за апликации за магазини. Магазините треба да имаат екстремно посветени читатели за да избегнат да бидат закопани," пишува Џон Лунд за Гигаом.

Проблем е и самото функционирање на апликациите на магазините во однос на остатокот од мрежата. Кога магазините ги има само како апликации, а не веб страни, тие не можат да бидат индексирани или пребарувани на интернет, па дури и кога можат, кликање на нивен линк на Гугл ќе те однесе до продавницата за апликации каде што треба да ги симнеш, а не на самата вест што те интересира.

Истото важи и кај социјалните медиуми, кога заради исти проблеми не можеш или не ти исплати да твиташ линкови или да ги објавиш на Фејсбук, а Флипборд или Зите не можат да ги соберат содржините од апликациите за магазини.

"Сепак кога ќе стигнам да отворам некој магазин на Ајпад, се чувствувам како во раце да држам застарен медиумски производ. Ова е иронично бидејќи овие апликации се визуелно привлечни, имаат интерактивна графика, ембедирани видеа и одлични алатки за навигација. Меѓутоа овој фантастичен изглед кој одлично функционира во печатот станува едноличен и по некое време се фаќам себе си како се зажелувам да бидам на мрежата. Неуредна е ама е далеку попристапна и подобро се адаптира на мене и на моите уреди и потреби.

Најголемиот дел од овие апликации не успеваат и кај социјалните медиуми. Тие се мачат да бидат 'лајкувани' за да привлечат коментари или да бидат споделувани, бидејќи само читателите на апликацијата можат да се приклучат на разговорот," објаснува Лунд.

Како пример тој ги наведува 25-те најдобро продавани дигитални магазини, на кои според пресметките отпаѓа само 12% од вкупниот тираж на списанијата. Така во случајот со магазинот Вајард кој има 850.000 претплати, само околу 120.000 се на дигиталното издание. Овие бројки изгледаат небитно во споредба со 20-те милиони месечни посетители на сајтот на Вајард.

Дополнителен аргумент е и "The Daily" Ајпад апликацијата на Њуз Корп. Претплатата беше 0,99 долари неделно и со нешто над 100.000 претплатници, Дејли повторно не можеше да излезе на нула, заради што затвори по 2 години.

7 октомври 2013 - 16:25