Телефон ми е, клуч ми е

Паметните телефони веќе ја заменија некогаш стандардната секојдневна опрема: часовник, нотес, вокмен а наголемо се работи да го заменат и новчаникот. Останува уште нешто во нашите џебови кое во иднина најверојатно нема да ни треба – клучевите.

Светото тројство за проверка пред излегување од дома (дали земав новчаник, телефон и клучеви) би можело да биде барем 33 посто полесно доколку се омасови ShareKey, систем кој користи тнр. NFC (near field communication) за заклучување и отклучување врати.

Веќе постојат слични апликации но тие користат блутут или вифи сигнал а кај ShareKey мора одблизу да се мафне пред вратата што ја отежнува можноста хакери да го пресретнат сигналот.

Зад изумот стои Ахмад Реза Садеги, професор од еден германски институт и тоа веќе функционира како апликација за андроид а би можело да се најде и во Ајфон доколку Епл реши во 6-ката да стави NFC чип.

Системот овозможува флексибилно ракување. На корисник да му се овозможи влез само во некои простории или на вработен да му се даде пристап во канцелариите само во одредено време.

Засега е скапичко - 150-200 долари но се очекува цената драстично да падне доколку пазарот покаже доволно голем интерес.

Значи, во иднина ако видите некого како кмиши пред својот дом, најверојатно треба да му дадете - полнач за неговиот мобилен.

12 јануари 2013 - 10:33