На Сони не му е јасно зошто луѓето толку многу го купуваат Плејстејшн 4

Месецов Сони објави дека од премиерата во ноември до сега веќе има продадено 10 милиони Плејстејшн 4 конзоли. Деновиве првиот човек на Сони за конзолата во интервју призна дека не знаат зошто толку добро им оди со продажбата. И тоа по јапонски стандарди е знак за проблем.

Претседателот на Сони Компјутер Ентертејмент, Шухеи Јошида, е загрижен затоа што во компанијата не знаат зошто луѓето толку многу ја купуваат конзолата. Не дека сега им е лошо, туку стравот е дека кога сите "гејмери" ќе ја купат конзолата од следната генерација, тогаш по која основа истата ќе и ја продадат на остатокот од популацијата.

Кошмарот на Сони е дека на оваа публика не и е потребна нова конзола од оваа генерација.

"Во моментот кога ќе видиме добри бројки во продажба, нашиот инстинкт ни кажува дека треба да бидеме загрижени за продажбата во иднина, така? Дали сме ги искористиле сите гејмери? Ако продадеме оволку примероци, потоа нема да има други муштерии на кои би можеле да им продаваме. Ова е навистина застрашувачки исход."

На крај стравот на Сони може да излезе и непотребен, како што тоа беше пред неколку години кога Нинтендо со првото Вии, кое во првите неколку месеци имаше слични бројки на продажба како ПС4, во следните 7 години продаде вкупно 90 милиони примероци.

Моментално Сони ја има најдобро продаваната конзола од "следната генерација," директно поразувајќи ги Микрософт и Нинтендо.

21 август 2014 - 11:05